КФСМ: И покрај финансиската помош од 16.3 милиони денари, КК Работнички има долг во висина од 2.503.645 денари кон нас

од Nikola Popovski
30 прегледи

Кошаркарската федерација на Македонија излезе со реакција на вчерашното соопштение од КК Работнички. Упатија јавно барање до управата на клубот да се самоидентификува и обелодени пред кошаркарската јавност која тоа го заслужува, со која ќе може да разговараат за понатамошниот тек на првенството. Исто така од КФМ информираа дека клубот има долг од над 2,5 милиони денари.

-Од јавно достапни информации, согледуваме дека Кошаркарски Клуб Работнички АД Скопје, добил финансиски стимул од 4.500.000 денари од страна на Општина Центар, 8.318.080 и 3.500.000 од страна на Министерството за Спорт во периодот од крај на месец октомври 2024 година до крајот на декември 2024 година односно за нешто повеќе од два месеца. И покрај финансиската помош во висина од 16.3 милиони денари, КК Работнички ден денес (17. Јануари, 2024 година) има долг во висина од 2.503.645 денари кон КФСМ. 2.084.000 од нив се само за СРЦ Кале. Ја прашуваме, за нас мистериозната ‘Управа на КК Работнички’, зошто клубот по последната опомена за неподмирен долг за кој на неколку наврати беше разговарано на кој начин ќе биде реализиран, едноставно реши да си го собере личниот инвентар во салата и да ја напушти СРЦ Кале, без никакво објаснување или најава на истото?

Од неофицијални извори дознаваме дека било кажано дека клубот нема никакви намери да плати ништо од долгот кон СРЦ Кале. Воедно, сакаме да ја потсетиме ‘Управата на КК Работнички’, во каков состав и да делува, за Управниот Одбор на КФСМ, одржан по електронски пат на 24. Септември 2024 година, на кој беа доставени Пропозициите за натпреварување за сезона 2024/2025 за сениорски лиги и Правилникот за натпреварување за сезона 2024/2025 за сениорски лиги. Пропозициите и Правилникот ги изработува Комесарот за натпреварување, а ги усвојуваат членовите на Управниот Одбор. Нив ниту може ниту има потреба да ги менува Претседателот на Кошаркарската Федерација – Перо Антиќ.

Сакаме да ја прашаме ‘Управата на КК Работнички’ што е злоупотребено во поглед на почитување на правилата и пропозициите по кои се одржува првенството и кој дел од нив НЕ треба да биде имплементиран? Дали можеби треба да се толерира пониска температура од дозволеното? Или пак димензиите на теренот за игра и просторот околу него треба да се мери со некои посебни мерни средства? Семафорите и звучните сигнали не ни се потребни, нели, стои меѓу другото во соопштението од КФМ.

Ваквиот судир меѓу двете институции дојде откако КФМ изврши контроли во салите на прволигашите во земјава и утврди дека моменталната сала на Работнички ги нема потребните услови.

-За фарсата да биде поголема вршителот на должност, мртов ладен, одлучи да ги менува правилата на кошаркарската игра. Тој, во сред сезона, прати инспекција во салите за да констатира дека теренот на малата сала кале во која што од неодамна настапува КК Работнички не ги исполнува условите за игра, односно теренот ги нема соодветните димензии според ФИБА кошаркарските правила. Го прашуваме нелегитимниот, како до сега салата ги исполнуваше условите според ФИБА стандардите, а веќе не ги исполнува после 13 одиграни кола? Дали тоа значи дека Македонското кошаркарско првенство е нерегуларно бидејќи веќе се одиграле 13 кола на терен којшто не ги исполнува условите за игра, прашаа вчера од тимот од Градски парк.

Работнички моментално игра во малата сала на СРЦ „Кале“ која е во сопственост на КК Вардар.

Слични содржини