Во рамки на работната посета на Украина, министерот Орхан Муртезани оствари неколку средби на кои ја потврди поддршката на Северна Македонија за евроинтегративниот процес на Украина. Министерот Муртезани ја истакна и целосната усогласеност на Република Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, која претставува основа за нашата стратешка ориентација во однос на глобалните безбедносни предизвици.
Муртезани исто така појасни дека со цел да ја зајакне својата улога како одговорен и конструктивен партнер на меѓународната сцена, Северна Македонија, во контекст на својата посветеност на процесот на европска интеграција, ќе продолжи активно да ги поддржува напорите на Европската Унија и НАТО членките за мирно решавање на конфликтот во Украина, промовирање на стабилност и активно учествувајќи во глобалните иницијативи за унапредување на безбедноста во регионот.
Во контекст на актуелниот геополитички развој и новите предизвици што произлегуваат од руската воена инвазија во Украина, Министерот Муртезани на средбата укажа дека Северна Македонија како членка на НАТО, ќе ја усогласува својата позиција со стратегиите и одлуките што ќе бидат донесени од Алијансата: „Ние ја осудуваме руската агресија и ја даваме целосната поддршка на украинските челници во нивните напори за постигнување мир и стабилност во регионот заедно со нашите заеднички стратешки партнери. Во тесна соработка со нашите сојузници од НАТО, ќе продолжиме да се залагаме за изнаоѓање на трајно решение што ќе донесе крај на војната и ќе обезбеди долгорочен мир. Република Северна Македонија останува посветена на процесите што ќе водат кон стабилност, поддржувајќи го украинскиот народ во нивната борба за слобода и сигурност” – порача МЕП Муртезани.