Ново рочиште од судењето за убиствата на Вања и Панче, обвинетиот Палевски бара изземање на судијата

од Nikola Popovski
76 прегледи

Денеска во Кривичниот суд во Скопје се очекува да продолжи судењето за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, за кои се обвинети Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Ванчо Кешишев како директни извршители.

Првообвинетиот Палевски, пред крајот на минатото рочиште побара изземање на судијата Ивица Стефановски, а како причина го наведе тоа што претседателот на судечкиот совет одбива да издаде наредба за прибирање одредени податоци од Секторот за внатрешни работи Велес, а кои, како што кажа, одбраната ги бара за потребите на постапката. Судијата Стефановски го нотираше барањето за негово изземање, а за кое одлука треба да донесе претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.

Ако биде донесена одлука за изземање на судијата, судењето ќе почне од почеток.

Последното рочиште од судскиот процес се одржа пред точно еден месец, односно на 20 декември, лани, кога исто така се изведуваа материјални докази. Обвинителството тврди дека убиствата на Вања и Панче се мотивирани од користољубие, обвинетите пак, се изјаснија дека не се виновни.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска соопшти дека еден куршум бил пронајден во телото на Вања при направената обдукција. Таа појасни дека бил од боева муниција со 9 милиметри, производство од 2002 година. Обвинителката исто така го презентираше доказ за пронајдена леплива лента, која била ставена на устата на девојчето при киднапирањето. На лентата пронајдени се биолошки траги од обвинетиот Велибор Манев.

Според доказите, пукано е од само половина метар врз Вања, од задната страна, додека се движела по калта. Доказите кои ги презентираше Обвинителството покажуваат дека Вања клечела кога бил извршен нападот. Во калта на местото на злосторството бил пронајден отисок од нејзините патики и кал под нејзините нокти, што укажува на нејзина одбрана пред да биде ликвидирана. Овој податок дополнително ја засилува теоријата за свирепоста на убиството, како и укажува на тоа дека Вања била жива и свесна за нападот што следувал.

На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата. Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство, откако полицијата го сомничи за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода. Неколку пати не се појави на судските рочишта, иако неговата мајка го оправдала отсуството поради здравствени проблеми.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски како првообвинет, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Сите обвинети се изјаснија дека се невини.

Слични содржини