Костадинов продолжи со провокациите: „Македонија е втора бугарска држава“

од Nikola Popovski
293 прегледи

„Со доаѓањето на Трамп на власт, во историјата заминува цела идеологија која ги одбележа последните 15 години – таканаречениот неолиберализам, кој не треба да се меша со либерализмот. Либералната идеја е добра работа која во 19 и 20 век доведе до ослободување на цели народи и духот на човештвото. Додека неолибералната идеја е нешто многу античовечко. Трамп е еманација на процесот на отпор и борба против овие античовечки перверзии на неолиберализмот“, изјавил контроверзниот бугарски политичар и лидер на партијата, Преродба, Костадин Костадинов во дебатна емисија на една бугарските телевизии.

По неодамнешните провокаторски изјави во однос на Македонија, политичарот од нашиот источен сосед повторно продолжи со навредите кон земјава. Тој посочи дека политичката програма на Преродба „јасно ги зацртува насочените дејствија за обединување на двете бугарски држави“.

„Истото важи и за Јужна Бесарабија – територија која до денес е населена со Бугари и која првпат била населена од Бугари во 6 век од прабугарски и словенски племиња. Мораме јасно и категорично да му кажеме на целиот свет и гласно – Македонија е втора бугарска држава и нема ништо пологично од тоа да се обединат двете бугарски држави“, истакнал Костадинов.

На почетокот на месецов, бугарскиот политичар ги поддржа изјавите на новозибраниот претседател на САД, Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал и наведе дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија.

Преродба на Костадинов, на последните парламентрани избори во Бугарија доби 12,92 отсот од гласовите и 35 пратенички места, со што стана трета политичка сила во 240-члениот бугарски парламент. Неговата партија не е дел од новата Влада во Софија.

Во ноември 2022 година, Костадинов присуствуваше на отворањето на новите простории на бугарскиот КИЦ во центарот на Скопје и повторно даде контроверзна и провокаторска изјава велејќи дека „Македонија е втора бугарска држава“.

-Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам, ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука кои сакаат да се чувствуваат како Бугари им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да чувствувате како Македонци, рече тогаш Костадинов.

Македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија во летото 2022 година го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав. Сепак, нашата земја се уште не ја одржа Втората меѓувладина конференција со ЕУ бидејќи уставните измени не се усвоени.

Слични содржини