Ахмети: Македонија не е држава на само една етничка заедница – ниту еден граѓанин да не се чувствува како кираџија

од Nikola Popovski
135 прегледи

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со своите соработници учествувале на средба со граѓаните и приврзаници на партијата, организирана од огранокот на ДУИ во Чашка. Ахмети истакнал дека ваквите собири ќе продолжат да бидат „форуми на кои сите наши поддржувачи и приврзаници ќе имаат можност да придонесат и да имаат силен глас“.

-Претседателот Ахмети подвлече дека Република Северна Македонија е мала земја и сите можеме да се запознаеме лице в лице. Вознемирувачки е кога ги слушаме дебатите на македонските интелектуалци и лидери на јавното мислење кои прашуваат зошто Албанците го промениле својот политички и социјален статус, зошто постигнале застапеност во сите институции, зошто се стремат кон еднаквост. Да, вложивме напори да го постигнеме она што го баравме со генерации со труд и пожртвуваност. Не баравме повеќе, туку само да бидеме еднакви со сите граѓани на оваа држава, велат од ДУИ.

-С.Македонија не е држава на само една етничка заедница, туку е држава на сите нејзини граѓани. Секој треба да се чувствува како дома и ниту еден граѓанин да не се чувствува како кираџија. Ова е право што не можеме да го негираме, додал Ахмети во говорот.

Тој потенцирал, како што велат од ДУИ, дека оваа држава им припаѓа и на Албанците, но не и на Албанците кои сакаат да останат потчинети, без јазик и без знаме.

-Охридскиот мировен договор останува важен документ и гаранција за стабилноста и застапеноста на Албанците и на сите заедници во државата. Тоа го гарантираат нашите меѓународни сојузници и секој обид за повторно преговарање е неприфатлив.

Законот за употреба на албанскиот јазик е постигнат со многу труд и крв, а постигнатото со крв не може лесно да се уништи. Мора да дејствуваме како едно тело за да го зачуваме ова големо достигнување и да одиме напред, кон членството во Европската унија и развојот на нашата земја, кажал, меѓу другото претседателот на партијата од Мала Речица.

Слични содржини