Судот ја уважи амнестијата за Јанакиески, Ристески и Вељаноски за „Организатори на 27 април“

од Nikola Popovski
81 прегледи

Oсновниот кривичен суд во Скопје донесе решение за случајот „Организатори на 27 април“. Барањето за примена на амнестија се уважи и се запира постапката за обвинетите ексминистри Миле Јанакиески и Спиро Ристески, за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, како и Владимир Атанасовски.

Предметот се однесуваше за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

-Против ова решение имате право жалба преку овој суд до Апелациониот суд. Поединечно ќе бидат образложение причините за ова решение во писмен одговор кој ќе го добиете во најкраток можен рок, изјави судијата.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во декември 2024 година, во мислење испратено до Основниот кривичен суд Скопје наведе дека за тројца од вкупно четворицата обвинети во предметот „Организаторите на 27 април“ треба да важи Законот за амнестија од 2018 година.

Скопска Апелација лани во април ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите Јанакиески и Ристовски добија казна од шест години и три месеци, додека поранешниот директор на УБК, Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.

Инаку, како дел од организаторите во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но бидејќи не беа достапни за органите за прогонот против нив не беше покренато обвинение заедно со останатите.

Покрај „Организаторите на 27 април“, за упадот во Собранието се водеше уште еден предмет во кој обвинетите се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во него првично беа обвинети 33 лица од кои во пресрет на гласањето во парламентот за Преспанскиот договор со Закон за амнестија беа помилувани 15 лица меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За 16 лица кои беа осудени судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.

Слични содржини