Раководството на Мајами денеска го суспендираше кошаркарот Џими Батлер на два натпревари, откако тој не отпатува со тимот во Милвоки на натпревар од американската професионална кошаркарска лига (НБА).
Ова е втора суспензија за Батлер во последните три недели, откако пропушти седум натпревари поради „штетно однесување за тимот“.
Батлер не се качи на авионот за Милвоки, а неговиот клуб објави дека кошаркарот е суспендиран поради „постојана шема на непочитување на правилата на тимот, непослушно однесување и однесување штетно за тимот“.
Мајами вечерва ќе игра со Милвоки, а во сабота навечер со Бруклин.
Батлер неодамна го информираше раководството на клубот дека сака трејд, но тоа не го кажа јавно бидејќи тоа ќе ги прекрши правилата на лигата и може да резултира со парична казна до 150.000 долари.
Мајами го објави ова кога го суспендираше на почетокот на месецот и изјави дека ќе работи на олеснување на негов трансфер.
Крајниот рок за тргување во НБА е 6-ти февруари.
Суспензијата од седум натпревари го чинеше Батлер околу 2,4 милиони долари плата. Тој се врати на теренот минатата недела и играше на сите три натпревари за Мајами, со просек од 13 поени за 29,3 минути.
Тој се пресели во Мајами од Филаделфија во 2019 година. Сезонава одигра вкупно 25 натпревари и имаше просек од 17 поени, заедно со 5,2 скока и 4,8 асистенции.