Логичките закони и лагите на режимот за присуството на инаугурацијата на Трамп

од Nikola Popovski
234 прегледи

Во сиот овој сеир кога уште еднаш народот дозна како апла лажат оние од тоталитарниот режим, додека сеуште се слуша ехото на лагата дека оној бил лично поканет од Трамп и дека присуствувал на инаугурацијата на Трамп, се изостри сликата на колективниот психолошки профил на режимот, неговите пропагандистички матрици на делување, моделот на функионирање на таа монструозна машина за политички лаги. Ако досега сеуште не беше докрај јасен, после овој најнов монти пајтон циркус – сагата наречена прошетка во САД со наши, народни пари, за маркетинг на режимот – сега веќе се гледа и секоја подробност, како лупа да е поставена сама по себе секогаш пред политичкиот франкештајн кој ја управува жална Македонија. Филигрански пред очи ни е сиот „раскош“ на политичкиот монструм, сето негово „изобилство“ на пакосна имагинација за лаги со цел уште да останат на власт, откако со исти такви лаги успеаја да го излажат народот и да ја земат власта. Знаеме веќе долги 7 месеци дека на овој октроиран режим политичката лага им е нивна суштина, модус на дејствување, групен егзистенцијален темел на тоталитарното владеење, посебно на мицковистичко дпмне, но деновиве дознавме и колку ќе биде тешко на демократски начин да се порази таа машинерија на политички лаги со сите ресурси кои ги поседуваат. Кога тие бранат толку очигледна лага, толку евидентно лажење кое просто е смешно – па, сите видовме дека оној не беше на инаугурацијата! – кога до толку така да се каже го прават будала сиот народ, што останало за другото, односно за сиот општествен простор на комплицираниот свет на животот кои им е распослан со сите инструменти за манипулација кои ги добија кога со политички лаги ја грабнаа власта.

Научното знаење – и воопшто рационалното мислење – е втемелено на неколку логички закони.  Дефинирани се уште од Аристотел, и тие логички закони се секогаш- вистинити искази. Првиот е законот за противречноста, кои Аристотел го смета за излезна точка на сите други секогаш-вистинити искази. Овој логички закон е ,,најпостојан од сите принципи“ и е принцип на силогистичкото заклучување, односно секој рационален заклучок, бидејќи дава уверливост во докажувањето. Има неколку формулации на овој закон – „Невозможно е истото истовремено да му припаѓа и да не му припаѓа на истото во ист однос“ (Метафизика); „Нека да се биде добар – биде А, да не се биде добар – Б… Во овој случај или А или Б ќе му припаѓа на секој субјект, но тие никогаш не ќе му припаѓаат на истиот субјект“ (Прва Аналитика);„Невозможно е спротивностите да бидат вистински во исто време и во однос на исто нешто“ (Метафизика); „Невозможно е потврдувањето и негирањето да се вистински во исто време“ (Метафизика).

Втор логички закон е т.н. закон за исклучениот трет, подоцна познато и како tertium non datur. Ова се формулациите на овој закон: „Афирмацијата или негацијата која се однесува на сегашните или минатите нешта, значи, е нужно вистинска или лажна. И противречните искази што се однесуваат на општото и се земени општо, се секогаш, исто така, едниот – вистински, а другиот – лажен“ (За толкувањата); „Невозможно е се да биде невистинско, бидејќи е потребно еден од двата члена на спротивноста да биде вистински“ (Метафизика). Значи, дисјункцијата нужно е вистинита или лажна, нема трето.

И сега, применете ги овие логички закони во случајот со епската политичка лага на режимот дека оној присустввал на инаугурацијата на Трамп. Или бил, или не бил. Ако бил – бил, ако не бил – не бил. Нема трето! Режимот тврди дека бил поканет и ќе присуствува, а не присуствуваше – значи, лажат, лага е дека присуствувал, што значи дека лажеле дека ќе присуствува. И уште еднаш – значи, ако бил, бил, ако не бил, не бил. А не бил – сите видовме!

И додека нормалниот народ се смее на оваа и сите други лаги на режимот, треба сепак барем за миг да се биде сериозен и оваа „студија на случај како лаже режимот“ да се разбере и како предупредување. Имено, екстраполираниот режимски модел за лажење денес создава фатаморгана, креира лажна слика која е целосно против фактите и вистината, против основните логички закони и рационално мислење и заклучување, создава масовна илузија и како да сака да ги хипнотизира припростите, дека нивната режимска вистина е реалноста – а токму обратно, „вистините“ на режимот се апсолутна спротивност на реалноста и здравиот разум. Тие упорно се обидуваат да наметнат монопол врз вистината со тоа што нивните лаги ќе ги прогласат за вистина. Такво минхаузенско живеење во илузорен свет кои секојдневно се репродуцира, немало ниту во ждановистичкиот СССР или гебелсова Германија. Инаку, кога веќе ја спомнав хипнозата која се обидуваат да ја дифузираат преку нивните режимски парталчиња и квази ТВ, всушност со хипноза тие можат да се лекуваат единствено самите себеси. Французинот Жан-Мари Шаркот уште кон крајот на 19 век ја истражувал хипнозата со цел да открие дијагностичка техника-метод со која може да се направи разлика меѓу парализата предизвикана со органска болест на централниот нервен систем, и парализа со хистерично односно невротично потекло. Хипнозата покажала дека менталните процеси кои се случуваат под прагот на свеста во голема мера влијаат врз човековото однесување. Фројд затоа ја применувал хипнозата во лечењето на невротични пациенти се до 1896 година. Вториот и поважен аспект од хипнозата потекнува од Џозеф Брејер, кој додека со хипноза ја лечел својата пациентка Ана О., открил дека постојат симптоми на хистеријата кои можат да исчезнат ако пациентката се сети на мигот кога симптомот првпат се појавил и ако може повторно да ја доживее емоцијата која го следела. Тој метод на лечење Брејер го нарекол „катарза“. Хипнозата почнала да се користи како метод кој на пациентот му овозможува да се сети на заборавениот почеток на одредени симптоми, така што невротичните политички слуги на режимот нека се хипнотизираат еден со друг, можеби ќе се излечат од Пинокио синдромот и хистеричното лажење.

Одамна главен проблем на режимот и неговото тоталитарно владеење е како да продолжат политички да лажат на сите страни, бидејќи знаат дека тие лаги се судираат меѓу себе, се исклучуваат меѓусебно според логичкиот закон на исклучениот трет. Овој проблем им е толку важен затоа што е реална опасност за гласачко демаскирање на нивните лаги, а со самото тоа е и можност за уривање на режимската камарила, па затоа и толку време и напор употребуваат за таа парадоксална ситуација – лажење на повеќе места за иста работа, при што лага е тоа што му зборуваат на еден, лага е тоа што му зборуваат на друг, лага е тоа што му зборуваат на трет, а лагата се однесува за една иста работа. На пример, кога нормален човек ќе прочита што изјавува Тимчо министерот за проблемот со Уставните измени, и кога истовремено ќе прочита што изјавуваат од ЕУ (последно, деновиве, Марта Кос), и ќе ги прочита изјавите на буквално сите државни претставници на Бугарија, мора да помисли дека овде некој некого  просто – лаже! Кога велам нормален човек, притоа само по себе тоа значи да не бидеш мице, мицковист, бидејќи тоа само по себе и за себе значи дека си или се правиш слеп при очи, глув при уши – заради својата дебело платена фотеља во партизираните и окупирани од режимот квази-институции. Па така, го читате Тимчо како рекол (а ако сте политички мазохист истото можете и да го слушнете на режимските квази ТВ), цитирам „Нема сила што може да ме убеди дека Софија не може да се убеди. ЕУ, заедно со нас, мора да разговара со Софија“ , како и дека  „разговорите треба да се водат со Влада со целосен политички легитимитет “ (sic!). Но, Адорновска негативно дијалектичка кулминација на Тимчо односно режимот е следнава реченица, која е епска политича лага, толку голема што се чини дека може да се слушне дури и до Вевчанскиот карневал и покрај тропањето на клопотарците – „Тоа што мене ме радува е реториката од чинителите во Брисел е дека ЕУ говори за уставните измени како еден факт, но истовремено говори и за дијалог помеѓу Скопје и Софија и говори за изнаоѓање на рационално решение. И тоа е таа промена која како влада во последните шест месеци успеавме да ја наметнеме“ (?). Чекајте малку, ој вие од режимот. За каков дијалог зборува Тимчо??! Па и врапчињата знаат дека нема да има нова преговарачка рамка, нема нови разговори, нема дијалог со Бугарија, условот за ЕУ е поставен ултимативно, tertium non datur – или уставни измени или нема ЕУ. Нема трето! Џабе Тимчо вели дека има, просто е – нема трето, и нема да има. Така што, попусти се честите „работни“ појадоци и ручеци на Тимчо со амбасадорите од ЕУ државите и овие туристички прошетки на претставниците на режимот низ Вашингтон и САД, во обид да ја одржат политичката лага дека има „разбирање и поддршка“ од истите за токму нивното (на режимот) одбивање да бидеме држава во ЕУ – за тие полесно да го одржуваат режимот. Во изолирано парче земја полесно се воспоставува и одржува диктатура, тиранија, пашалак – затоа што нема контролни инстанци инкорпорирани во самиот систем на владеењето и системот на институции како што би имало кога Македонија би била во ЕУ. Тоа е одгатката за оваа група на политички лаги наречена одложено дејство и некакви гаранции од ЕУ, и ништо друго. Па затоа и нема ЕУ, ама има рапидно формирање на нова богаташка класа на мицињата и политичките слуги на диктаторскиот режим.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини