Зборуваме за нешто што значи одговорност кон државниот имот, но и одговорност за потребите и намената на државата. Неодговорно е да имате опозиција која што во изминатите години не направи ништо во однос на државниот имот. И тоа што беше направено, го остави на заборав на времето – вака изјави портпаролката на Владата, Марија Митева по најавите на директорот на СОЗР, Ивица Томовски за размислува во насока за набавка на нов, макар и половен владин авион и обвинувањата од страна на СДСМ.
Митева објасни зошто Владата размислува за набавка на нов воздухоплов со кој ќе се превезуваат функционерите во странство.
-Неспорен е фактот што имавме претседател загинат во авионска неесреќа. Неспорен е фактот што имавме претседател врз кој што беше извршен обид за атентат и дека секоја држава треба да размислува како да ги намали овие ризици. Мораме да размислуваме за интересите на државата со разум и одговорност, а не со политика, рече портпаролката на Владата на прес-конференција во Владата.
Претходно од СДСМ соопштија дека не ја прифаќаат идејата на директорот на СОЗР. Според потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, тоа е „скандалозна и забегана најава“. Според партијата од „Бихаќка“, „власта е одлепена од реалноста – луѓето не можат да врзат крај со крај, се мачат со секојдневните поскапувања и високи трошоци за живот, платите стагнираат, додека власта се лукзузира“.
-Најавата пак дека се размислувало и демек за половен авион е навреда на интелегнцијата на луѓето, станува збор за милионски бизнис зделки, рече Илиевски на прес-конференција.
Пред три дена Томовски информира дека владиниот авион е во Виена на вонреден сервис, потенцирајќи дека „има чувство како да се распаѓа“. Според Томовски, потребен е нов владин авион со кого би се превезувале владините функционери кога одат во работни посети во странство.
Авионот е стар дваесетина години. Се бара нов поголем со најмалку 14 седишта, наместо досегашните 6.