Левица обвини дека ДУИ и Гаши ја блокираат Декларацијата за признавање на Палестина

од Nikola Popovski
51 прегледи

Левица соопшти дека Декларацијата за признавање на државата Палестина, поднесена од нивните пратеници е заклучена во фиоката на Муса Џафери од ДУИ повеќе од три месеци. Потенцираат дека уредно поднесената декларација уште на самиот почеток наиде на опструкции. Најпрво, претседателот на Собранието Африм Гаши три пати ја враќаше на доработка, а потоа, претседателот на надлежната собраниска Комисија – Муса Џафери од ДУИ одби да ја стави на дневен ред на комисијата, што е негова деловничка должност, велат од Левица.

„Поради ваквите опструкции, пратеникот Реџеп Исмаил од Левица на последната комисиска седница побара дневниот ред да биде надополнет и конечно Декларацијата за Палестина да се најде пред пратениците. За жал, пратениците од сите останати партии не собраа храброст и доблест да гласаат за оваа декларација и кукавички одбија Декларацијата да се најде на дневен ред, за да може да се расправа по истата.

Бојкотот за оваа Декларација е уште еден доказ дека сите парламентарни политички партии одбираат да бидат покорни на мал број империјалистички земји и немаат храброст ни да го осудат едно од најголемите злосторства кои денес му се случуваат на човештвото. Однесувањето на сегашната влада предводена од Мицкоски само потврдува дека по однос на надворешната политика останува вазалски настроена кон т.н. „стратешки партнери“ и по ниту еден параметар не се разликува од нивните претходници од СДС и ДУИ“, истакнаа од Левица.

Според партијата на Димитар Апасиев, премолчувањето на неправдата, насилството и воените злосторства како држава нè прават соучесници во истите.

„Македонскиот народ одбива да биде соучесник во злосторствата кои се прават на еден народ, а и самиот претрпел исти такви злосторства во својата историја. Убиството на над 47.000 цивилни жртви, од кои 18.000 се деца, е геноцид којшто не смее да биде премолчен од Македонија. Со оваа декларација, Македонија ќе стане дел од светското движење за признавање на палестинската независност и ќе се приклучи кон Словенија, Шпанија, Ирска и Норвешка – како последни европски држави кои ја признаа државата Палестина“, тврдат од Левица.

Слични содржини