Фрчкоски: Скандал е да се каже дека Обединета Македонија ќе биде наша перспектива

од Nikola Popovski
197 прегледи

Поранешниот шеф на македонската дипломатија и поранешен македонски амбасадор во ООН, Љубомир Фрчкоски за реакцијата на грчкото МНР и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски пред македонската дијаспора во Њу Џерси вели дека „целиот спор изгледа тажно“. Во принцип, оценува дека влегуваме во „политика која што не постои како политика и празен простор на реторика“.

-На надворешен план тоа се некакви реторики од овој тип кон дијаспората. Политичар мора да има одговорност и е обврзан со меѓународните договори на неговата земја. Не може се нешто да каже, без разлика дали се обраќа до луѓе на кои ќе им биде мило да каже дека „Обединета Македонија ќе биде наша перспектива“. Тоа е скандал да се каже – прво е невистина тоа кажување на нешто што не може да го оствари. По дефиниција е неодговорност. Истовремено е малку бламирање на земјата со неодговорни политички изјави. Не може да се изанализира што мисли со тоа. Не мисли ништо. Луѓето тоа сакаат да го слушнат, рече Фрчкоски во емисијата „Аргумент+“.

Според него, „овој тип на изјави ве квалификуваат за да бидете на црна листа“.

По изјавата на премиерот во Њу Џерси пред македонската дијаспора за нерешеното македонско прашање, реакција од Атина дека тоа било провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што веќе е решено.

-Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја, предуслов е целосното почитување на договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји, пишува во соопштението од грчкото МНР.

„Но, таа борба за македонскиот народ се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк и во Брисел и во Берлин и во Лондон и во Париз и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сѐ уште постои“, рече Мицкоски од САД.

Затоа, додава тој, е многу важно оваа врска којашто ја има татковината со Македонците надвор од татковината да продолжи да функционира да се засили, да биде уште посилна. „Нема посилна потврда од македонскиот идентитет ако има повеќе Македончиња, без разлика дали тие се родени во Македонија или надвор од Македонија, бидејќи на тој начин се брани нацијата и македонскиот идентитет, со потомство“, кажа премиерот пред македонската дијаспора.

Слични содржини