СДСМ: Владата ќе купува авион од стотина милиони евра, а решението за лекови на Онкологија го бара преку донации

од Nikola Popovski
72 прегледи

СДСМ утрово соопшти дека „не е нормално Владата да купува авион од стотина милиони евра, а решението за лекови на Онкологија да го бара преку донации“. Од најголемата опозициска партија посочуваат дека цела недела нема лекови на Онкологија кои се животно потребни.

-Овој хаос во здравството е јасен показател за неспособноста на премиерот Мицкоски и министерот Таравари да се справат со потребите на граѓаните и да го подобрат здравствениот систем, рекоа од СДСМ и побараа од властите да се откажат од, како што велат, аздисаното трошење на парите за луксузирање на владините функционери и да ги насочи кон реални потреби на луѓето.

СДСМ го повикува и Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување итно да преземат мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти.

Клиниката за онкологија може да обезбеди регистар на болни од канцер – неопходен на Фондот за здравство за планирање на буџетот за биолошка терапија. Но, тој ќе биде нефункционален, додека не се обезбеди оддел за континуирано ажурирање на податоците. Стручниот колегиум на клиниката посочува дека ако во пракса немаме функционални скрининг програми и во иднина бројот на пациенти со рак ќе се зголемува.

„Додека нема скрининг програми што се функционални во пракса, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната – метастатска болест само ќе се зголемува, следната година се очекува поголем број на пациенти. Исто така, стручниот колегиум на УКРО е на мислење дека регистарот за рак ќе остане нефункционален додека не се обезбеди адекватен кадар – оддел, за континуирано ажурирање на податоците“, велат од УКРО.

Стручниот колегиум на клиниката смета дека постарите лекови треба да се стават на позитивната листа, бидејќи преку условен буџет сè уште се набавува неиновативна терапија, стара 20 години.

Проблемот со недостигот на лекови, министерот за здравство Таравари го посочува во постојаниот пораст на болни од канцер. Се надева дека идната недела, терапијата ќе биде достапна за пациентите.

Во однос на набавката на нов државен авион, вчера од Владата објаснија зошто размислуваат во таа насока.

-Неспорен е фактот што имавме претседател загинат во авионска неесреќа. Неспорен е фактот што имавме претседател врз кој што беше извршен обид за атентат и дека секоја држава треба да размислува како да ги намали овие ризици. Мораме да размислуваме за интересите на државата со разум и одговорност, а не со политика, рече портпаролката на Владата на прес-конференција во Владата.

Пред три дена, директорот на СОЗР, Ивица Томовски информира дека владиниот авион е во Виена на вонреден сервис, потенцирајќи дека „има чувство како да се распаѓа“. Според Томовски, потребен е нов владин авион со кого би се превезувале владините функционери кога одат во работни посети во странство.

Авионот е стар дваесетина години. Се бара нов поголем со најмалку 14 седишта, наместо досегашните 6.

Слични содржини