За денес закажани четири судски рочишта против Мерко

од Nikola Popovski
41 прегледи

Во Основниот суд во Струга почна првото од закажаните четири судења денес против градоначалникот Рамиз Мерко – за плочата на општинската зграда, две за директори на училишта и за набавката на „аудито“.

Првото рочиште денеска се однесува за незаконско поставување на директори на училишта и се наоѓа во доказна постапка, продолжува со сослушување на екс министерот за образование од ДУИ, Јетон Шаќири. Шаќири, заедно со раководителот на секторот за финансии при Општина Струга Абедин Нуроски, требаше да биде сослушан на претходното рочиште во октомври минатата година, но тоа не се одржа поради немање уредна достава до сведоците.

Пред неколку дена Мерко се огласи на социјалните мрежи и му честиташе на новиот американски претседател Доналд Трамп по инаугурацијата.

„Ви посакуваме успешен мандат и лидерство кое ќе донесе напредок и единство за целиот американски народ. Се надеваме дека во овој период, поддршката на САД за Балканот ќе продолжи да биде силна и присутна, зајакнувајќи ја соработката и стабилноста во регионот. Големите лидери градат мостови на соработка, и се надеваме дека партнерството помеѓу САД и нашите земји ќе продолжи да биде пример за успех во иднината. Бог да ја благослови Америка и сите народи кои веруваат во мир и напредок“, стои во објавата на Мерко на социјалните мрежи.

На 20-ти јуни 2023 година, САД го означи градоначалникот на Струга како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти тогаш Стејт Департментот. Оттаму порачаа дека Мерко, како градоначалник, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери. На црната листа на САД истовремено се ставени и неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца, Генц, Назмије и Дренуше.

Екс-функционерот на ДУИ се гони за 20 кривични дела. Министерството за внатрешни работи од 2007 до 2024 година поднело 12 кривични пријави. Осумнаесет дела се однесуваат на злоупотреба на службената положба и две за несовесно работење во службата.

Слични содржини