Девет месеци по формирањето на српската влада и три месеци по уривањето на настрешница во Нови Сад, во која загинаа 15 лица и предизвика бран протести и студентски блокади, премиерот на Србија, Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка.
Со оставка на премиерот завршува и мандатот на целата влада.
Вучевиќ рече дека поднесува оставка по нападот врз студентите во Нови Сад и дека имал долг разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, додаде, има разбирање за неговите аргументи.
Вучевиќ го осуди нападот врз учениците и на повреденото девојче и посака брзо закрепнување, наведувајќи дека на нејзино барање е пуштена од болница.
Тој додаде дека е уверен оти полицијата брзо ќе го реши случајот и ќе ги фати напаѓачите.
Најави и дека оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
„Сметаме дека објективно сме одговорни за тоа што се случи и затоа поднесуваме оставка“, рече Вучевиќ.
Поранешен член на Српската радикална партија, а сега лидер на владејачката Српска напредна партија, беше назначен за премиер по парламентарните избори во декември 2023 година, чија регуларност беше оспорена од некои меѓународни организации и опозициски партии, пишува Би-Би-Си.
Во Нови Сад, родниот град на Вучевиќ, чиј градоначалник беше тој, се случи голема трагедија на 1 ноември 2024 година, кога се урна настрешница на железничка станица, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Трагедијата предизвика протести низ целата земја кои сега станаа масовни.
Студентите повеќе од два месеци ги блокираат факултетите во Србија, барајќи одговорност за смртта на 15 лица, а институциите да почнат да работат според законот.
Само еден ден претходно, Вучевиќ беше на прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ, кога ги покани студентите и професорите на дискусија за излез од актуелната криза во земјата.
На истата прес-конференција, Вучиќ најави голема реконструкција на владата, велејќи дека очекува „да бидат сменети повеќе од 50 проценти од министрите“.
Српскиот парламент требаше да расправа за гласање доверба на владата во среда, на 29 јануари, на претходно барање на опозицијата, се вели во најавата на Ана Брнабиќ.