Прославениот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд, смета дека притисокот негативно се одразил на Маркус Рашфорд и предупредува дека е важно секоја можна разделба со играчот да се случи на вистински начин.
Маркус Рашфорд беше и остана важно име во историјата на Манчестер Јунајтед, како играч кој дојде од академијата на клубот.
Сепак, останува впечатокот дека тој ни оддалеку не го оправда својот потенцијал, напротив, се повеќе е на мета на критичарите.
Тој исто така не е задоволен од ситуацијата на „Олд Трафорд“, па се поизвесно е дека ќе ги напушти „црвените ѓаволи“.
„Манчестер Јунајтед, како и луѓето околу Маркус, мора да се погрижат тој да замине во најдобра можна состојба и психички и физички. Ментално тоа е поважно, бидејќи мислам дека тој е под лупа во последните неколку години. Но, тоа е дел од товарот што го носи еден играч на Манчестер Јунајтед. И кога ќе ве етикетираат како едно од лицата на клубот, притисокот, за жал, е неизбежен. Секој може да има мислење за тоа што треба да направи, но мислам дека само Маркус и неговиот тим ги знаат предностите од останување или напуштање на „Олд Трафорд“. Дали ќе му користи да замине? Прашањето овде е каде би одел? Значи, има многу прашања кои бараат одговор, но само тој ќе може да даде“, изјави Рио Фердинанд
Новинарите се интересираа дали искусниот дефанзивец има совет за Рашфорд.
„Единственото нешто што би го советувал – да сум негов советник – е дека никогаш нема да биде 100 отсто сигурен дека одлуката што ја носи во овој пресврт на настаните е вистинската. Ќе направи нешто – дали да замине или да остане – и кога ќе ја донесе таа одлука, сепак нема да биде 100 отсто сигурен“, заклучи тој.