Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ денеска поднесе неотповиклива оставка.
Тој поднесе оставка по нападот на студентите во Нови Сад, каде што, според студентите во блокадата, група мажи со безбол палки бркале студенти кои лепеле налепници и цртале шаблони низ Нови Сад.
Еден студент е тешко повреден и се наоѓа во Ургентниот центар.
„Како некој кој верува во моќта на дијалогот и меѓусебното разбирање, верувам дека прифаќањето на одговорноста и поднесувањето оставка е моја човечка и политичка обврска и морална должност“, се вели во изјавата на Ѓуриќ.
Тој ја повика полицијата што поскоро да ги открие напаѓачите на студентот и правосудните органи да ги казнат согласно законот.
„Стабилноста и смирувањето на тензиите и запирање на понатамошните поделби во општеството се клучни услови за понатамошен напредок и развој на Нови Сад и за подобрување на животот на жителите на Нови Сад“, се вели во изјавата на Ѓуриќ.
Еден час претходно оставка поднесе и премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Оставка на Вучевиќ и Ѓуриќ, како и објавување на комплетна документација за реконструкција на Нови Садската железничка станица, беа првите барања на новосадската опозиција и студентите по несреќата во која загинаа 15 лица.
Во декември 2024 година, собранието на Нови Сад расправаше за разрешувањето на Милан Ѓуриќ, кога советниците со мнозинство гласови го отфрлија неговото разрешување.
Неколку масовни протести, на кои присуствуваа десетици илјади граѓани, се одржаа во последните недели на повик на студенти кои блокираат повеќе од 60 факултети низ Србија.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица во врска со уривањето на настрешница во тој град на 30 декември.
Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура Железнице Србије“ Јелена Танасковиќ.
10 обвинети се во притвор, Весиќ е на слобода, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.