Партијата на пензионери во потполност ја разбира и ја поддржува граѓанската иницијатива за бојкот на маркетите, на која се повикува на социјалните мрежи во земјава. Од партијата велат дека пензионерите како една од економски најзагрозените категории во општеството, длабоко е засегната од вкоренетата пракса на огромен број на трговци и трговски ланци за манипулација и изигрување на Законот за нефер трговски практики, што дефинитивно претставува акт за најостра осуда.
-Затоа Партијата на пензионери во целост ја поддржува иницијативата и ги повикува своите членови, сите пензионери и граѓани да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние кои на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити. Во исто време Партијата на пензионери бара и ја поддржува Владата во преземања на крајни и ефикасни мерки за конечно и долгорочно решавање на оваа константна пракса на трговците во земјата, стои во соопштението на пензионерите.
Бојкотот против високите цени ја „зарази“ и Македонија. По многу успешната кампања во Хрватска, каде граѓаните беа поканети да го повторат бојкотот на продавниците, иницијативата се појави во Босна и Херцеговина, а сега „се прелеа“ и во земјава.
По примерот на Хрватска, граѓаните на социјалните мрежи споделуваат иницијатива за бојкот на супермаркетите во петок, 31 јануари, поради високите цени на производите.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека го разбира најавениот граѓански бојкот на продавниците во петокот поради високите цени.
Тој им рече на новинарите дека долго време зборувал за „однесувањето на поединци во трговскиот бизнис“ кои „шпекулативно се обидуваат да остварат високи профити“.
Сè „почна“ во Хрватска, кога жителите на оваа држава масовно ги бојкотираа продавниците, маркетите, бензинските пумпи… а за неочекувано големиот одзив сведочеа речиси празните продавници во Загреб, но и во другите хрватски градови.
Според иницијаторите на акцијата, само еден ден подоцна некои продавници ги намалиле цените на одредени производи.
Купувачите во Хрватска се повикани на нов голем бојкот на продавниците во петок, 31 јануари.