Професорот и доктор Игор Николов ќе биде предложен за нов амбасадор на Македонија во Франција. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Како што истакна премиерот, Николов досега бил негов советник со полно работно време во делот на здравствената политика. Со предлогот за амбасадорското место, престанува договорот на Николов со работното место во Кабинетот на Мицкоски.
Премиерот најави дека имињата на сите негови советници наскоро ќе бидат објавени на сајтот на Владата.
Нефрологот по професија истовремено е и претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, како и член на ИК на партијата.
Мицкоски вчера соопшти дека има 17 советници, од кои четворица се со полно работно време во Владата. Тие работат за хонорар од 60 до 90 илјади денари.
-Вкупно имам 17 советника. Сите советници, ќе ги имате имињата, сите тие 17 советници земаат плата во вкупна вредност од 60 илјади денари. Со исклучок на оние кои се на полно работно време, тројца или 4-ца кои се во владата, имаат хонорари од 90 илјади денари месечно, рече премиерот на прес-конференцијата во Владата.