BMW ги повикува носителите на одлуки во Брисел да ги намалат царините за увоз на автомобили од САД.
Тие во моментов изнесуваат 10 отсто, додека европскиот увоз на возила во САД подлежи на царини од 2,5 отсто. „Време е да се израмни теренот за игра“, изјави извршниот директор на BMW, Оливер Зипсе.
Повикот на Зипсе доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп и се заканува на ЕУ со нови царини, пренесува француската агенција АФП.
Извршниот директор на германскиот производител ќе го претстави предлогот во четврток на состанокот на најголемите европски производители на автомобили со носителите на одлуки во Брисел. Ова е прв состанок како дел од иницијативата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за барање решенија за индустријата која е зафатена од бројни проблеми.
Како што рече Зипсе на економскиот форум во Берлин организиран од весникот Велт, царините ја попречуваат слободната трговија, ја забавуваат иновативноста и предизвикуваат негативна спирала. „Затоа треба да разговараме за намалување, а не за зголемување на трговските бариери“, објави АФП.
Тој ја повика ЕУ да ги намали тарифите за увоз на возила од САД на 2,5 отсто, исто како тарифите за увоз на европски возила во САД.