Повеќето Британци сакаат да се вратат во ЕУ

од Nikola Popovski
21 прегледи

Помалку од тројца од десет Британци мислат дека Брегзит е добра работа и повеќето сакаат земјата да се врати во Европската унија, покажа новото истражување на јавното мислење, пет години откако Обединетото Кралство официјално ја напушти ЕУ.

На референдумот во 2016 година, 52 отсто од Британците гласаа за Брегзит.

По долгогодишни тешки преговори, Обединетото Кралство стана првата земја што ја напушти Европската унија на 31 јануари 2020 година.

Но, пет години подоцна, само 30 отсто од Британците веруваат дека земјата ја направила вистинската работа со гласањето за Брегзит, покажа анкетата на „YouGov“, чии резултати беа објавени во средата. Анкетата е спроведена на 2225 испитаници.

Според институтот, ова е најниската поддршка за Брегзит досега.

Меѓу Британците кои гласаа за Брегзит, 18 отсто сметаат дека напуштањето на Европската унија е грешка. Но, тој процент се искачува на 55 отсто од сите испитаници. Само 11 отсто од испитаниците веруваат дека Брегзит бил успешен.

Мнозинството Британци, 55 отсто, го поддржуваат враќањето на земјата во Европската унија, вклучително и 20 отсто од гласачите кои гласаа за Брегзит.

Меѓу нив, 39 отсто од испитаниците „силно“ го поддржуваат враќањето во ЕУ.

Британскиот лабуристички премиер Кир Стармер вети дека ќе ги „рестартира“ односите со Европската унија. Сепак, тој се противи на враќање на полноправно членство во Европската унија.

Слични содржини