Младината на СДСМ ќе се приклучи на протестот за трагичната смрт на 22-годишната Фросина

од Nikola Popovski
106 прегледи

После синоќешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ побара максимална казна за 20-годишниот Васил Јованов кој ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин пред „Универзалната сала“. Партијата изразува длабоко жалење и сочуство кон семејството на трагично загинатата Фросина. Од СДСМ велат дека го поддржуваат револтот на граѓаните и нивните барања за правда и поголема безбедност. Во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот.

-Владата и Министерството за внатрешни работи мора итно да преземат конкретни мерки за подобрување на безбедноста на улиците. Не смееме да дозволиме нови трагедии поради институционална небрежност, стои во партиското соопштение.

Синоќа од партијата на власт порачаа дека „наместо декларативни казни, неопходни се суштински мерки што ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол или во намалена свесност“.

Казната во овој случај мора да биде најстрога, за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот“, се наведува во реакцијата на партијата.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека случајот ќе биде под будно око на јавноста и на партијата, апелирајќи до институциите да постапуваат исклучиво според законските прописи.

Граѓаните преку социјалните мрежи повикаа на протест по сообраќајната несреќа што се случи на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, а во која загина 22-годишна девојка. Протестниот собир е закажан за 13 часот пред прекарницата во близина на местото каде што смртно беше прегазена девојката.

Во сообраќајката што се случи вечерта на 29-ти јануари, 15-тина минути пред полноќ, девојката поминувала на пешачки премин кога во неа удрил автомобил со кој управувал 20-годишен скопјанец.

Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено. За 20-годишниот возач е одреден 30 дневен притвор.

Слични содржини