20-годишниот Јованов пред три години предизвикал уште една сообраќајка

од Nikola Popovski
572 прегледи

Против 20-годишниот Васил Јованов што ја усмрти младата Фросина на „Партизанска“ претходно имало пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. На органите на прогонот им станал достапен на 2 април лани и веднаш почнал да го издржува притворот, информираат од ОЈО Скопје додавајќи дека по завршување на истрагата на 21 мај е поднесен обвинителен акт против момчето и е побарано продолжување на притворот.

Оттаму додаваат дека предлог бил прифатен и на лицето му бил продолжен притворот се до 31 јули кога Основниот кривичен суд Скопје донел пресуда – решение со кое го огласил за виновен и му изрекол воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом. На 30 септември јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложил жалба и предметот се уште е во жалбена постапка.

Исто така шротив момчето била поднесена кривична пријава и на 1 февруари 2023 година за сообраќајна несреќа која се случила на 4 ноември 2022 година во која едно лице било полесно повредено. Тогаш имал само 16 години.

-Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел решение со кое не се презема кривично гонење согласно член 43 од Законот за кривична постапка, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18 000 денари во корист на Буџетот на Република Северна Македонија, соопштија од ОЈО Скопје.

Основното јавно обвинителство Скопје вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против Јованов за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Сообраќајката се случи вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ. Девојката поминувала на пешачки премин кога во неа удрил автомобил со кој управувал 20-годишниот. Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено. Јованов моментално е во 30-дневен притвор.

Граѓаните преку социјалните мрежи повикаа на протест по сообраќајната несреќа што се случи на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, а во која загина 22-годишна девојка. Протестниот собир е закажан за 13 часот пред прекарницата во близина на местото каде што смртно беше прегазена Фросина.

Слични содржини