📷Почна протестот на местото каде што беше усмртена младата Фросина, „Партизанска“ блокирана од двете страни

од Nikola Popovski
170 прегледи

Граѓани веќе почнаа да се собираат на местото каде што загина младата Фросина Кулавкова, по повиците за протест по нејзината смрт. Дел од насобраните палат свеќи и положуваат цвеќе на семафорите пред „Универзалната сала“- црното место каде што девојката од Неготино беше прегазена од страна на 22-годишниот Васил Јованов.

На терен е присутна и полицијата. Во моментов блокиран е целиот булевар „Партизански одреди“ од двете страни за возење.

Јавноста е децидна дека мора да се каже доста за дивеењето низ улиците, за неказнивоста на прекршителите и за небезбедноста на граѓаните, предизвикана од недопирливи поединци.

Сè уште сe видливи трагите на местото од трагичната несреќа на булеварот. Несреќата се случила нешто пред полноќ завчера, кога момчето со автомобил удрило во девојката која била пешак и која починала на самото место. Тој притоа бил под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено светло.

Граѓаните вознемирени велат, овде постојано се случуваат вакви несреќи. Се вози со преголема брзина, особено во ноќните часови.

Ова не е прва несреќа на овој булевар. Пред три години загина 24-годишна девојка од Радовиш кај трговскиот центар „Сити мол“.

Фото: Локално

Слични содржини