Граѓаните излегоа во голем број на местото каде загина 22 годишната студентка Фросина од Неготино прегазена од возач без возачка дозвола. Граѓаните револтирани по трагедијата и судската пракса, бараат правда, институционална одговорност и санкции за несовесните возачи.
На протестот присутни и голем број студенти, меѓу кои и Иван студент по молекуларна биологија кој држеше транспарент со имињата на трите девојки кои изминативе години загинаа во тешки незгоди на булеварот „Партизански одреди“. Во разговор за „Локално“ изјави дека е дојден за да даде поддршка за жртвите и да се избори за правда, како и за борба против корупцијата во државата. Студентот не исклучува секојдневни протести и доаѓање на истото место на пешачкиот премин пред „Универзалната сала“.
-Фросина Цековска, Викторија Николова, Фросина Кулакова – Патиштата арогантно редат трагедии, изгубени животи, засекогаш настрана, до кога а, стоеше на транспарентот на студентот.
На протестот видовме и други пораки од типот: „И јас сум Фросина, Уште колку пати ќе имате крв на рацете, Корупција вози во евра, Подмитливоста не убива, Обвинители = соучесници убијци…“.
Граѓаните засега остануваат на булеварот. Сообраќајот е во прекин и видливо е големо полициско присуство.