Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски преку социјалните мрежи информираше дека пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ поднеле барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување на потреба од изменување на законските прописи, за да се зголеми безбедноста на граѓаните.
„Денес како пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, поднесовме барање за одржување на јавна расправа со цел анализи и утврдување на потреба од изменување на законските прописи, а со цел зголемување на безбедноста на граѓаните. Очекуваме поддршка од сите пратеници во Собранието и да ги надминеме системските проблемите со кои се соочуваме изминатите години“, стои во Фејсбук објавата на Мицевски.
Најавата за одржување јавна расправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот доаѓа во момент кога во фокус на јавноста и натаму е трагичната сообраќајна несреќа од минатата среда, во која по удар од автомобил на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.
Вчера се одржа втор протест на местото каде што згасна животот на 22-годишната Фросина. Меѓу нив, и семејството на девојката. Полицијата го затвори булеварот „Партизански одреди“ за сообраќај. Иако беше најавен мирен протест, сепак забележливо беше засилено обезбедување. Иако покриени со многу восок од догорени свеќи и цвеќиња кои не венеат и на ниските температури, венецот и врамената фотографија на 22-годишната Фросина беа потсетник на гневот кој го собра народот. Се протестираше пред Собранието, Обвинителството и Кривичниот суд.