Манчестер Сити тоне се повеќе. Во последното коло од Премиер лигата беа прегазени од Арсенал (5:1), а во Лигата на шампионите едвај успеаја да се пласираат меѓу најдобрите 24 екипи во последното коло од лигашката фаза. И против Реал Мадрид ќе играат за пласман во нокаут фазата, а како изгледаат избраниците на Пеп Гвардиола оваа сезона, како што стојат работите, нема да поминат најдобро против кралскиот клуб…
Она што се случи со тимот кој „палеше и жареше“ во англискиот и европскиот фудбал е достојно за сериозна анализа. Се чини дека претежно дојде до заситување, а Сити е подготвен за сериозна реконструкција. Сепак, прашање е колку Манчестер Сити ќе може да „истури“ на трансфер пазарот ова лето поради се поизвесната строга казна за прекршување на финансискиот фер-плеј.
Со оглед на тоа што тимот е речиси во неред, а споменатата казна станува се пореална, раководството на „граѓаните“ сака да го искористи зимскиот преоден рок, кој е пред крајот, за предвреме да склучи некои трансфери. Пристигнаа инстантните засилувања, Витор Реиш, Абдукодир Хусанов и Омар Мармуш, а уште двајца до крајот на зимскиот преоден рок би можеле да ги засилат „граѓаните“.
Имено, Сити влезе во преговори со Порто околу играчот од средниот ред Нико Гонзалес. Според Дејли Мејл, „граѓаните“ се обидуваат да договорат пониска цена од откупната клаузула која е дефинирана во договорот на поранешниот играч на Барселона и изнесува 60 милиони евра.
Порто во 2023 година го донесе Гонзалес од Барселона, кој оттогаш одигра 68 натпревари за „змејовите“. Во декември тој беше прогласен за играч од средниот ред на месецот во Португалија.
Според „Марка“, Сити сака да доведе и уште еден шпански играч за врска – Серхио Алтимиро од Бетис. „Марка“ тврди дека „небесносините“ за двајцата ќе платат вкупно 85 милиони евра.
Досега англискиот шампион потроши 155.000.000 евра на три нови засилувања донесени во јануарскиот преоден рок.