Мечка вчера следела и гонела 15-годишно момче во атарот на село Крапа во Општина Македонски Брод. Детето не било директно нападнато ниту повредено од мечката и успеало да избега, но паднало при бегањето, кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома кон селото.
Како што соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), случајот вчера бил пријавен на бројот за итни случаи 112 во ЦУК. Настанот се случил од 18:15 до 20:15 часот. Истиот настан бил пријавен и во ПС Македонски Брод. Таткото на детето, кој има 61 година, искажал голема вознемиреност и страв за животот на децата.
Таткото информирал дека во последната година зачестиле средбите со мечки, односно дека сè почесто ги гледале во нивната околина. Пред еден месец, како што рекол, мечка им грабнала една заостаната овца при движење на стадото и ја изела. Тоа го утврдиле откако нашле остатоци од исчезнатата овца.
Тоа, како што се наведува, го утврдиле на теренот, според пронајдените остатоци од исчезнатата овца и траги, а и измет, од мечката која тие ја именуваат како „мршарка“ (којашто јаде месо од угинати животни, но и од животни коишто ќе успее да ги фати, улови).
Според ова семејство и според забележаните траги околу нивното стадо од 300 овци, мечка или повеќе мечки во последната година, особено во време на последниот месец, биле спуштени во понискиот предел во ливадите кон селото Зрзе, но во правец повеќе на село Дебреште близу меѓуопштинската граница со Општина Прилеп, а сепак на територија на Општина Македонски Брод.
Според трагите и лаењето на кучињата од селото Крапа, мечката или мечките се движеле и кружеле се почесто и се поблиску до селото, околу трлата со добиток.
ЦУК информира дека се преземат безбедносни мерки за да се заштитат граѓаните и нивниот имот од можни напади на диви животни со хумани мерки. За случајот со 15-годишникот, кој бил следен од мечка, ЦУК ги информирал сите релевантни служби и институции во Системот за управување со кризи со цел преземање безбедносни мерки за заштита на граѓаните и нивниот имот од можни напади на диви животни, во конкретниот случај од мечките на територијата на село Крапа.