Директорката на детската болница „Козле“ објави соопштение во кое забранува нејзиното име да се споменува во медиумите

од Nikola Popovski
69 прегледи

Директорката на Клиниката за белодрбони и респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска испрати соопштение до медиумите во кое, како што вели, не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми.

„Јас, д-р Каролина Симоновска именувана за в.д Директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми.

Особено во ниеден случај моето име и презиме и мојата професионалност да биде злоупотребувано на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми.

Секоја постапка спротивна на горенаведеното преставува нарушување на мојот професионален личен и морален интегритет и при тоа го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, стои во нејзиното соопштение.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на соопштението. Од ЗНМ велат дека тоа претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите и оти ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите. Оттаму додаваат дека сите носители на јавни функции доколку имаат забелешки за објавени медиумски содржини, секогаш може да побараат исправка или демант, а на располагање им се и телата за саморегулација на медиумите, кои ја оценуваат етичноста и професионалноста на медиумските содржини.

Изминатиот период имаше препукување помеѓу директорката и Лекарскиот колегиум на Клиниката „Козле“, кои преку протестно писмо побараа итна оставка од д-р Симоновска, поради нејзината одлука да ја разреши д-р Веселинка Митровска-Јосифовска. Според Колегиумот, д-р Симоновска се обидела насилно да ја отстрани од ординацијата за време на бронхоскопија, а за тоа има и сведоци. Тие бараат враќање на д-р Митровска-Јосифовска на работа и потенцираат дека самоволието на директорката ја уништува клиниката и влијае на пациентите.

Од Универзитетската клиника „Козле“ велат дрското однесување и попречување на работата е недозволено и мора да биде санкционирано без оглед за кого се работи.

„Јавноста треба да знае дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување оперативен зафат над малолетно лице, мора да се санкционира за да нема лоши последици за кои потоа реакцијата би била задоцнета“, стои во соопштението од Универзитетската клиника „Козле“.

Министерот Арбен Таравари вели ќе го разгледа случајот. Разрешување на состојбата од него побара и сопругот на докторката која доби отказ.

Минатиот месец триесет доктори од Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ со писмо до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари бараа итно разрешување на директорката на болницата Каролина Симоновска, поради, според нив, самоволие.

Слични содржини