ВМРО-ДПМНЕ бара од Судскиот совет и ЈО да ја разрешат судијката Алексовска Стојановска и да ја истражат нејзината работа

од Nikola Popovski
47 прегледи

Возачот убиец кој ја усмртил младата Фросина Кулакова бил фатен за трговија со дрога и истиот, по ниту еден основ не можел да биде ослободен од затвор и пратен во поправен дом. Оттука, упатуваме порака до Судскиот совет, конечно да се фати за работа и веднаш да ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска, која го ослободила од затвор возачот убиец, рекоа утрово од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Партијата на власт го повикува и Јавното обвинителство да отвори истражна постапка за истата судијка и да утврди како и зошто досудила таква одлука.

-Обвинителството и судството немаат веќе време за трошење, народот очекува да се фатат за работа и да го спроведуваат законот, па така и да ја оправдаат платата што ја добиваат од парите на граѓаните, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Смртта на Фросина го вклучи алармот во правосудниот систем. Судијката Даниела Алексовска Стојановска е разрешена од работната група во Правда која работи на измените на Кривичниот законик. Нејзиното име ја брануваше јавноста откако за две кривични дела на Васил Јованов му досудила само воспитна мерка.

-Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот на реформи во правосудството, крајно време е да се преземат мерки за лоцирање на виновниците, вака министерот за правда Игор Филков ја образложи одлуката за нејзиното разрешување.

Неизвесно е дали Судскиот совет ќе отвори постапка за Алексовска Стојановска. Претседателот Александар Камбовски вели доколку се утврди одговорност ќе има санкции.

„ВМРО-ДПМНЕ оди по својата стара матрица – гази по трагедија за да се одбрани политички. Ова е партијата што нема граници, нема срам и нема морал“, порачаа од СДСМ по обвинувањата на партијата на власт по трагедијата на „Партизанска“ и усмртувањето на младата Фросина.

Според партијата на Венко Филипче, „ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека СДСМ не е криво што Васов добил телефон во Шутка“.

-СДСМ не го стави неговиот татко на висока воена позиција под заштита на оваа власт! СДСМ не ја избра судијката Алексовска Стојановска, ВМРО-ДПМНЕ ја избра од тефтерчето на Гордана Јанкуловска. Денес, наместо да покажат минимум човечност и да застанат на страната на правдата, тие повторно лажат и манипулираат. Ги политизираат протестите, сакаат да го скршат отпорот на граѓаните, сакаат да ги замолчат луѓето што бараат правда, велат од „Бихаќка“.

Од партијата на власт возвратија дека судијката Алексовска Стојановска е кадар на СДСМ, бидејќи, како што велат, во нејзината куќа бил сместен партиски штаб. Додаваат, поточно, дека во куќа во сопственост на таткото на судијката е сместен општинскиот штаб на СДСМ во Ранковце.

Слични содржини