Ние како влада и владеачка партија во минатите 7 години направивме се за да процесот продолжи и да се надминат блокадите. Се направи Преспанскиот договор со кој се реши проблемот со Грција и благодарение на што станавме членка на НАТО. Започнаа преговорите со ЕУ по завршувањето на скринингот и сега сме на прагот да се започне и со отворање на Поглавјата. Тоа ќе им донесе на граѓаните подобар живот, повеќе финансии, но и европски вредности. Поради недостаток на тоа, децата заминуваат од државата. Сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите и дека ќе обезбедат подобра Преговарачка рамка. Ќе го поддржиме било кој подобар предлог кој ќе дојде на маса, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче за евроинтеграцискиот пат на Македонија.
Тој од пред црквата Свети Спас каде што положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 153-годишнатата од неговото раѓање, порача дека ЕУ и САД како наш најтрадиционален партнер треба да се вклучат во процесот на дијалот со Бугарија.
-И сега очекувам откако се формираше политичката Влада во Бугарија, час поскоро да започне процесот на разговорот бидејќи времето одминува. Ние сериозно заостануваме во споредба со Албанија и Црна Гора, рече лидерот на СДСМ.
Околу најавите на блокирањето на помошта од САД за странските земји, меѓу кои е и Македонија, преку агенцијата УСАИД, Филипче вели дека одлуката можеби и не е дефинитивна.
-Тоа е сериозна помош која што ние сме ја добивале како држава и влијаело во намалување на дефицитот. Сметам дека САД треба да најдат форма доколку сакаат да ја променат и понатаму да останат партнер на земјава, кажа претседателот на СДСМ.