Затворските полицајци до Пандов: Дали знаете колку припадници ќе напуштат работа бидејќи е неиздржливо да се работи во „Шутка“ и „Идризово“?

од Nikola Popovski
2,2K прегледи

Дали знаете колку има опожарени возила на припадници на Затворска полиција? Дали знаете дека се фрлаа бомби во куќа на директор на Затвор? Дали знаете дека има постојани закани кон Затворска полиција? Дали знаете дека после работа одредени криминални групи ги пресретнуваат Затворските полицајци и физички се малтретирани?, прашуваат од Синдикатот на затворската полиција во писмото упатено до директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов како реакција на, како што наведуваат јавните линчувања кон припадници на затворската полиција.

При тоа од овој синдикат ги наведуваат и другите бројни проблеми со кои се соочуваат во извршувањето на нивната работа во однос на условите на работа и заканите по нивната безбедност на кои што се изложени од, како што велат, одредени криминални групи надвор од работното место.

-Дали знаете колку припадници имаат напуштено и ќе напуштат работа бидејќи е неиздржливо да се работи во Затвор Скопје и Идризово. Дали знаете веќе не е проблем платата за напуштање од работа туку отсуство на лична безбедност, еден извршител на повеќе работни позиции во исто време. Дали знаете по било каква промена на Закон за извршување на санкции или некој Правилник треба затворските работници да го применуваат, а не лица кои се во работната група (професори, судии, лица кои воопшто не работеле во затвор) – се посочува во отвореното писмо.

Тие прашуваат и дали директорот на УИС е „запознаен кога имаат последен пат земено комплет службена униформа, дека некои припадници немаат задолжено средства за присилба (средства за врзување лисици, гумана палка, пепер спреј-солзавец…), дека речиси да нема држава каде што не се употребува електричен пиштол, и дека нема набавено ниедна „боди-камера” која е законска обврска и дел од опремата?“.

Пандов вчера во дебатна емисија изјави дека „најголемите шверцери на дрога и телефони се вработени во затворот“. Информира дека пред два дена директорот на затворот „Шутка“ добил информација дека во женското притворско одделение, затворски полицаец продава телефон.

-Директорот Утковски оди во таа ќелија и го наоѓа телефонот. Добива изјава од притворената и тој полицаец е суспендиран. Денес направен е претрес, но и претходно се правени претреси. Постојано правам притисоци за претреси. Во меѓувреме, формирани се две интервентни единици – едната во „Идризово“ и едната во затворот во Штип. Такви денес затворски полицајци прават на 40 ќелии и најдени се 70 мобилни телефони. Ова е информација од пред некој час. Откога сум јас директор на Управата, има 32 постапки и обвиненија во Обвинителството против затворски полицајци. Има 100 дисциплински постапки. Дел од нив се веќе суспендирани и не се веќе на работа, изјави директорот.

Главното решение, според него, е оформување на две интервентни единици кои не се поврзани со овие затвори.

-Неопходни се нови вработувања. Во дадениов случај ве уверувам дека без тие нови вработени реално многу тешко се работи, кај Утковски во Шутка на дневна основа од затворот Куманово и затворот Штип доаѓаат околу 15 затворски полицајци кои се на испомош затоа што бројката е под минимумот, рече директорот на Управата за извршување санкции.

Пандов кажа дека во минатото имало вработени затворски чувари кои порано биле затвореници и рече дека во изминатите седум месеци најмалку 20 затворски полицајци се избркани од работа и „тој процес нема да прекине“.

Слични содржини