Со претходната пресуда за претходното кривично дело на 20-годишниот Васил Јованов се создава историски преседан во Македонија – полнолетно лице добило воспитна мерка – поправен дом и било ослободено од притвор. Законот ова го дозволува, но ова е првиот ваков случај во Македонија. Професорот Гордан Калајџиев даде свое видување на возачот што ја усмрти 22-годишната Фросина Кулавкова на пешачкиот премин на булеварот „Партизански одреди“ пред Универзалната сала. Колку за потсетување, Васил возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло.
-Тезата дека сообраќајката немала да се случи ако возачот добил затворска казна е неточна и лаичка! Тој се уште не е правосилно осуден и се чека одлука од Апелација. Тоа значи дека и да добил затвор ништо немало да се промени, објави Калајџиев на социјалните мрежи.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски вчера информираше дека Обвинителството ќе поведе постапка и против родителите на Васил. Според него, Обвинителството ги презело сите неопходни мерки за прибирање и анализа на доказниот материјал, вклучувајќи видео материјали и експертизи за брзината на движење на возилото. Тој рече дека би подлегнало на одговорност тоа што на обвинетиот му се пружило средство за предизвикување општа опасност.
– Постапката што се води против обвинетиот за ова кривично дело е проширена за да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока во која што му е овозможено на тоа лице да има средство кое што предизвикува општа опасност, изјави Бубевски во „Топ тема“.
Тодор Кулаков, таткото на Фросина која настрада во сообраќајка на „Партизанска“ во Скопје, во „Тема на денот“ се заблагодари на сите кои ги поддржале за време на протестот но и на некои институции кои први изреагирале на како што рече „оваа наша голема мака“.
– Она што особено ни паѓа тешко кога нашата ќерка така еднаш свирепо е убиена , веројатно поради тоа што таков како што ни е системот ќе треба уште стопати таа да умира и ние со неа. Последно сознание кое што стигна до нас е дека сакаат таквиот монструм да го претстават дека е шекнат од болка, а тоа е бидејќи им ги земаат телефоните, не можат да комуницираат, па сакаат да го префрлат во некоја друга институција, како на пример лудница каде ќе може слободно да комуницираат, кажа Кулаков, најавувајќи масовни протести и барајќи доживотен затвор за Васил.
Тој апелираше тоа да се спречи и според него ова е уште еден доказ дека ниту тој ниту родителите не покажуваат никакво каење.
Обвинителството оди со реална правна квалификација за сообраќајната несреќа во која беше усмртена Фросина Кулакова, дека Васил Јованов умислено постапувал кога влегол во автомобилот, без возачка дозвола и во алкохолизирана состојба во момент кога истиот не требал да се наоѓа во сообраќајот и прекршува некои одредби со кои умислата не може да се исклучи.