Во штотуку завршениот зимски преоден рок во Премиер лигата се случи нешто неочекувано. Додека ранетиот актуелен шампион Манчестер Сити се распрснуваше со пари, трошејќи над 220.000.000 евра на трансфери, „топџиите“ не упатија ниту едно барање. Арсенал не донесе ниту едно засилување, иако е во жестока потера по првопласираниот Ливерпул. Во најмала рака неочекувано.
Впрочем, логично, тренерот на Арсенал беше најмалку расположен. Микел Артета не го криеше разочарувањето од „празната пушка“.
– Имавме јасна намера да ги истражиме можностите кои ќе му овозможат на тимот да се подобри. Не успеавме да го направиме тоа. Затоа сме разочарани. Но, бевме свесни дека сакаме само да донесеме одредени типови на играчи и дека мораме да бидеме дисциплинирани. Не можевме да го направиме тоа, од неколку причини. Тоа е реалноста. Ги имаме играчите што ги имаме, никогаш не сме имале тим од 35, 40 или 45 играчи. Другите клубови го прават тоа, но ние не. Треба да се развиваме и да имаме повеќе играчи од академијата, а оние кои се тука треба да бидат фит подолг временски период“, изјави Артета.
Кормиларот на „топџиите“ зборуваше и за локацијата на напаѓачите.
– Леандро Тросард може да игра на таа позиција, Рахим Стерлинг играше на таа позиција… Мислам дека на таа позиција може да игра Итан Нванери, таму може да игра Габриел Мартинели, па ќе видиме како ќе се снајдат сите, во зависност од моментот и противникот. Но, ќе мора да пробаме нешто поинаку… Многу отворено зборувавме за намерата да го подобриме тимот доколку имаме капацитет за тоа. Уште поважно, сакаме да продолжиме да го подобруваме тимот.
Арсенал од 21 часот ќе го пречека Њукасл во реваншот од Лига купот, а домаќините имаат водство од 2-0 од првиот полуфинален натпревар.
– Овој натпревар е финале. Ќе дадеме се од себе. Победата против Манчестер Сити ни даде поттик“, заклучи Шпанецот.