СДСМ обвини за непотизам во Владата. Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, последен случај е скандалозниот со Љупчо Андоновски, татко на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Кузеска на прес-конференција рече дека таткото на министерот Стефан, премиерот Христијан Мицкоски го назначил за негов советник во Владата.
-Братот пак на министерот Стефан, Игор Андоновски, е назначен за началник на одделот на АНБ за град Скопје пред неколку месеци. Ова е класичен пример на непотизам и судир на интереси. Ова е срам и навреда за граѓаните. Бараме Државната комисија за спречување на корупцијата итно да отвори предмет и да постапи, кажа портпаролката на најголемата опозициска партија.
Премиерот Христијан Мицкоски има 17 надворешни советници, а нивните имиња отсега се објавени и на веб-страницата на Владата. Меѓу нив има универзитетски професори, поранешни високи функционери од времето на владеење на експремиерот Никола Груевски, амбасадори, поранешни високи функционери во МВР…
Вицепремиерите во порашените влади на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Груевски, Владимир Пешевски и Зоран Ставревски го советуваат Мицкоски за „стратешки прашања од областа на економијата“ односно за „финансии и банкарство“. И бившиот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој неодамна беше амнестиран за упадот во законодавниот дом на 17 април 2017 година, е на листата советници – тој е ангажиран за „стратешки прашања од областа на безбедноста“.