Уставниот суд ја одби иницијативата на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу кој сметаше дека со неговото разрешување од претседателката Силјановска Давкова бил полово и политички дискриминиран.
Судиите едногласно ја одбија неговата иницијатива, со образложение дека директор на Агенцијата за разузнавање не може да биде лице припадник на политичка партија.
Судијката Ана Павловска Данева, на прес-конференција, појасни дека како Суд утврдиле дека нема дискриминираност по полова и политичка основа.
– Судот едногласно одлучи дека нема ниту полова, ниту политичка дискриминација во одлуката за негово разрешување од претседателката Гордана Силјановска Давкова, изјави Павловска Данева.
Во поглед на политичка дискриминација, Судот, како што посочи Павловска Данева, констатира дека директор на Агенцијата не бил, ниту смеел да биде член на политичка партија, исто како и претседателот кој ја донел одлуката за негово разрешување.
Во однос на половата дискриминација, Павловска Данева, појасни дека изјавите на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во кампања дека жените треба да бидат повеќе застапени на највисоките функции, сама од себе не може да биде основа за дискриминација.
– Ние како Суд утврдивме дека тука нема дискриминација бидејќи самите изјави на Претседателката не претставуваат доказ дека некој е дискриминиран и дека заложбата за поголема застапеност на жените на високи функции е заложба на секој еден граѓанин, рече Павловска Данева.