Вучиќ: До март нова влада или избори, инсистирам на дијалог со студентите

од Илинка Илиоска
40 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека до 19 или 20 март треба да биде формирана нова влада или, доколку тоа не се случи, ќе се распишат вонредни парламентарни избори.

„До 17 или 18 февруари Собранието треба да ги констатира оставките на владата и премиерот Милош Вучевиќ, што значи дека од тогаш почнува да тече рокот од 30 дена за формирање нова влада или распишување избори“, рече Вучиќ за Радио-телевизија Србија.

Тој посочи дека доколку новата влада не биде формирана до 19 или 20 март, „тоа значи дека изборите би биле на почетокот на мај“.

Осврнувајќи се на протестите и одбивањето на студентите да прифатат разговори со него, Вучиќ нагласи дека ќе продолжи да инсистира на дијалог.

„Ќе продолжам да инсистирам на дијалог и воопшто не ме интересира кој ќе учествува во тој дијалог“, рече тој, додавајќи дека студентите покажале повеќе храброст од некои професори.

Вучиќ истакна дека очекува студентското тело „голем состанок на делегати“ да донесе сериозна одлука по ова прашање.

Во однос на предлогот за формирање граѓански комисии за истражување на уривањето на старата железничка станица во Нови Сад, во кое загинаа 15 лица, Вучиќ ја отфрли оваа можност.

„Ако ме прашувате дали верувам во некоја граѓанска комисија што треба да ги заменат обвинителствата и судовите… тоа е застрашувачко“, оцени Вучиќ.

Претседателот ги повика сите кои го поддржуваат „него и мнозинството во Србија“ да останат „апсолутно дисциплинирани“.

„Тие млади луѓе (студентите) се нашата иднина и мораме да ги чуваме“, нагласи Вучиќ, предупредувајќи дека „ако се случи инцидент, тој инцидент му одговара само на некој друг“.

Тој додаде дека верува дека студентите кои одбиваат дијалог ќе ја преиспитаат својата позиција.

„Да разберат добро дека ова (протестите и блокадите) мора да престанат и во еден момент мора да се вратат како победници, но и да имаат некој вид контрола над процесите што ќе следуваат“, рече Вучиќ.

Слични содржини