Утрово починал Игор Југ, познат како еден од осудениците за нападот во Собранието на 27 април 2017 година. Издржуваше 12-годишна затворска казна. Во моментов неговата казна била во прекин поради влошена здравствена состојба. Дел од медиумите објавија неофицијални информации дека смртта на Југ е од срцев удар.
Југ почина на 54 години, а последниве осум ги помина зад решетки.
Југ во септември 2017 година беше уапсен по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје поради основано сомневање за сторено кривично дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие во врска со настаните од 27 април. Тој беше баран од МВР и за кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело, како и за кривично дело Разбојништво.
Во текот на судењето за настаните за „27 април“, Југ изјавуваше дека никогаш не бил суден за силување, обид за убиство или дрога, а најголема навреда му било што се велело дека носел усташки симболи. Нагласи дека не е претседател на ниту едно македонско патриотско здружение. Тоа, како што кажа, било почетокот на фабрикувањето дека станува збор за човек ѕвер, манијак и убица кој може се да направи по налог на некого.
Тој постојано бараше повторување на судската постапка, тврдејќи дека никој од осудените за „27 април“ не е терорист и дека пресудите се неправедни. Во август 2024 година, Југ објави на својот Фејсбук профил дека „за сегашната Влада излегле на гласање 50% од лицата кои верувале во заложбата дека политичките осуденици ќе бидат надвор од решетките“.