Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов се огласи по барањата од дел од опозициските партии за негова оставка од пратеничката функција порафи фактот дека пред 10 години добил осудителна пресуда за предизвикување на сообраќајна несреќа.
-Во контекст на обвинувањата кои произлегуваат од кујните на СДС, Левица и ним блиските полуги, а кои упатуваат на брутално злоупотребување и пооигрување со лични судбини, притоа надополнети со лаги и неточни информации, би сакал да ги изразам своите мисли и да го поделам моето гледиште за ситуацијата. Точно е дека пред 11 години, кога бев на 18-годишна возраст, направив грешка која, за жал, имаше последици. Бев осуден за тоа и целосно ги прифатив последиците од моите дејства. Беше многу тежок период за мене и за моите најблиски. Во меѓувреме, ги исплатив сите штети кон лицата кои беа засегнати од моето недолично однесување. Таа грешка беше не само за мене, туку и за сите околу мене, и беше навистина важна лекција во мојот живот, вели Попов во својата објава.
Нагласува дека по немилиот настан, никогаш повеќе во животот не возел.
-Никогаш не сум повторил никакво слично дејство, и дури и денес, по 11 години, не сум положил за возачка дозвола, затоа што сметам дека на безбедноста на патиштата треба да се гледа со најголема сериозност и одговорност. Така што, кога се зборува за тоа дека наводно сум прегазил жена на улица, би сакал да ја исправам оваа теза. Случајот во кој беше вмешано моето име не беше таков. Се случи сообраќајна несреќа, судар со друго возило, кој резултираше со повреда на жена која се возела во другото возило. Оваа ситуација нема никаква врска со наводните изјави и не може да биде поистоветена со трагедијата која ја доживеа Фросина. Не постојат никакви сличности помеѓу мојата ситуација и тоа што се случи со неа.
Верувам дека целта на луѓето кои ги шират овие обвиненија не е вистински да ги истражат фактите и да го прикажат вистинскиот развој на настаните, туку се обидуваат да создадат изговори за политички поени и манипулации во овие сензитивни моменти. Ова е неприфатливо и не е фер во однос на мојата личност, која веќе се соочила со последиците од своите грешки и се труди да биде одговорна, да ги поправи своите дејства и да направи добро за општеството, додава Попов во реакцијата.
Порачува дека извлекол поука од целата ситуација.
-Од овие години 7 имаа СДС и нивните ортаци од шарената револуција Левица. Можеа да го преиспитаат случајот или да покренат нов. Но се е јасно и вистината е таа. Останува само горкото чуство дека лешинарски се обидуваат да поентираат во отсуство над други теми и автентична политика. Жалам што така ја сфаќаат политиката и уште повеќе жалам што ги злоупотребуваат ваквите судбини. Не можам да го сменам минатото, но можам да ја обликувам иднината. И токму затоа се залагам за транспарентност и вистинска правда, бидејќи само на тој начин може да се донесат прави одлуки и да се изгради едно пофер општество, стои во објавата на пратеникот.
Опозициската СДСМ денеска се надоврза на медиумските извештаи дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на УМС во 2014 година возел под дејство на алкохол, без возачка и повредил жена. Исто како и Левица, побараа од Попов да го напушти пратеничкото место, но и лидерското место во подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ.