Сестрата на трагичното загинатата Фросина Кулакова, Росица, се огласи на социјалните мрежи по денешната прес-конференција на родителите на возачот Васил Јованов. Росица упати порака до Ана и Зоран Јованови, наведувајќи дека „не му помогнале на своето дете да го пронајде вистинскиот пат“.
-Не сте преземале никаква одговорност како родитители, па уште и се нудите да ни помогнете! Вие не сте успеале да му помогнете на сопственото дете да го пронајде вистинскиот пат, а сега нам ни нудите помош за да ги исправите последиците од вашата претходна негрижа. Мизерија. Ајде тоа, туку се осмелувате и да го негирате оправданиот револт на целата јавност. Дното стварно имало подрум. Знаеме дека вам не ви одговара да профункционираат правосудството и сите останати институции, стои во реакцијата на Росица.
Родителите на Васил денеска категорично негираа дека му го дале возилото на своето дете.
-Мислам дека само тој што има дете, би требало да може за миг да се стави во нашата кожа и да претпостави колку е страшно и болно и каков товар е тоа. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да ја издржи оваа загуба, рече меѓу другото мајката Ана, додавајќи дека како родители веќе изгубиле едно дете кое починало по 23 часа од нејзиното породување.
Зборуваше и адвокатот на Васил, Сашо Дукоски.
-Она што ме поттикна и што не можев да поминам преку тоа е изразувањето на многу ноторни невистини, повик на линч, повик на крв и наместо воспоставување на право со владење на законите во една демократска и правн адржава во една обвинителска и судска постапка, воспоставување или обид за воспоставување на т.н. начело – око за око, заб за заб. Во последниот период видовте низа т. н. експерти кои се низата за постапката, а постапката не трае ни една недела, рече бранителот на пресот.
Обвинителството не се откажува од постојано прибирање нови докази и проверки на текот на претходната постапка водена против Васил Јованов, вели јавниот републички обвинител Љупчо Коцевски. Делото го стори додека ја чекаше на слобода пресудата од Скопска апелација поради претходно сторено кривично дело. Апелација денеска соопшти дека е осуден со 3 години и 10 месеци затвор за трговијата со дрога.
Во законодавниот дом денеска имаше јавна расправа за законски измени за безбедноста во сообраќајот. Доаѓа по иницијатива на владеачкото мнозинство. По смртта на 22-годишната која беше прегазена на булеварот „Партизанска“, се уклучи алармот кај институциите да се стави крај на дивеењето по улиците. И стручната фела сугерира систем за поголема безбедност.