Кога ќе стане ќерка ми од гроб, тогаш и убиецот нека излезе од затвор – порача мајката на убиената Емилија Пешева

од Nikola Popovski
663 прегледи

Џемиле, мајката на Емилија Пешева (29), која лани на први ноември ја уби Фадил Зејнелов со кого била во врска, денеска по судското рочиште во Штип изјави дека убиецот го признал делото со мислење дека со тоа ќе добие помала затворска казна до 15 години. Сепак, мајката на Емилија вели дека Фадил уште претходно се заканувал дека ќе ја убие девојката.

Според Џемиле, Фадил имал и други девојки со кои заедно питачел. Вели дека и претходно го пријавувале во полиција, но ништо не било сторено.

-Кога ќе стане ќерка ми од гроб, тогаш и тој нека излезе од затвор. Многу ја тепаше и ја плашеше. Не ја сакаше, само ја користеше. Тој е коцкар и наркоман. Го молам судијата да го осуди доживотно, кажа мајката на Емилија пред медиумите, пред зградата на Судот во Штип.

Таа вели дека дента кога Зејнелов ја повикал да се видат во напуштениот објект на ЈП „Исар“ во близина на нивниот дом, во последен момент не дозволила со неа да замине и малолетниот син на Емилија.

Претходно зборуваше и таткото на Емилија, Слободан.

-Се бориме за доживотен затвор. Сега е во рацете на судот. Обвинителката убаво си кажа. Очекувам дека судот ќе пресуди. Смртна нема, но, сакаме доживотна казна како родители. Нека му утепаат некого на убиецот, па нека се кае…Не отишол во полиција да се пријави. Тој е ладнокрвен монструм. Ова не е играчка, човек е…Сираче ни остави, вели таткото на Емилија, додавајќи дека детето на неговата ќерка не посетува настава на училиште и си ја бара мајка си.

Зејнелов пред судот ја призна вината и кажа дека во тој момент бил целосно свесен и за делото што го прави и за последиците што го очекуваат и додаде дека ќе прифати секаква казна од судот.

И адвокатот на родителите на Емилија изјави дека се бара максимална казна доживотен затвор. Само обвинителот има право на жалба во делот на казната. Пресудата ќе биде соопштена во среда на 12-ти февруари.

Слични содржини