Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доколку сите заложници во Газа не бидат ослободени до сабота напладне, тој ќе предложи да се прекине примирјето меѓу Израел и Хамас, за што предупреди дека „ќе создаде пекол“.
Во изјавите за новинарите, додека синоќа во Белата куќа потпишуваше серија извршни наредби и резолуции, Трамп нагласи дека на крајот одлуката останува на Израел, но предупреди дека „целиот пекол ќе се ослободи“ доколку преостанатите заложници не бидат ослободени, додавајќи дека стравува дека многу од нив се мртви.
„Јас зборувам во свое име. Израел може да го игнорира тоа“, рече Трамп, нагласувајќи дека на крајот треба да одлучи официјален Тел Авив.
Тој кажа дека заложниците ослободени во последната рунда во согласност со договорот за прекин на огнот изгледаат како да излегле од логор и дека многумина најверојатно се мртви, поради што палестинскиот Хамас го блокира понатамошното предавање на заложниците.
Хамас вчера најави дека ќе го одложи ослободувањето на заложниците од Појасот Газа, откако го обвини Израел за кршење на кревкиот прекин на огнот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е под силен притисок да обезбеди ослободување на преостанатите заложници, откако тројца Израелци ослободени од заробеништво пристигнаа дома во многу лоша состојба минатата сабота.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека планот на Хамас да го одложи ослободувањето на следната група заложници е целосно кршење на договорот за прекин на огнот и побара од израелската војска да биде на највисоко ниво на готовност. Координаторот за заложници на премиерот истакна дека сите семејства на заложниците се информирани за одлуката на Хамас и дека Израел инсистира на целосно исполнување на договорот.