ЕЦБ ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата за Народната банка до 2027

од Nikola Popovski
20 прегледи

На барање на Народната банка, Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука со која ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата во непроменет максимален износ од 400 милиони евра до 31 јануари 2027 година. Покрај нејзините девизни резерви, коишто се на историски највисоко ниво од 5 милијарди евра, репо-линијата обезбедува брза достапност до девизна ликвидност што ѝ овозможува на Народната банка флексибилно да се справи со потенцијалните регионални шокови за финансирање и зголемената побарувачка на ликвидност во евра.

Народната банка ѝ изрази благодарност на ЕЦБ за продолжувањето на можноста за пристап до репо-линијата. Продолжувањето на можноста за пристап до репо-линијата обезбедува значителна поддршка за политиките на стабилност коишто ги спроведува Народната банка.

Народната банка доби можност за пристап до репо-линијата на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, во 2020 година, кога ЕЦБ им дозволи пристап до овој инструмент на централните банки надвор од еврозоната, со цел да се спречат преносните ефекти врз финансиските пазари и економиите во еврозоната и да се ублажат негативните ефекти од пандемијата. Народната банка беше предводник и иницијатор меѓу централните банки од регионот за обезбедување пристап до дополнителни средства, за зајакнување на заштитните механизми, и покрај стабилното ниво на девизните резерви и солидната ликвидност на банките. Во изминатиот период, и покрај повеќе последователни кризи, не беа користени средства од репо-линијата.

Слични содржини