По сомнежите од Владата за методологијата на пресметка на синдикалната минимална кошничка и најавата за нова пресметка се отворија повеќе прашања. Професорот и екс-министер за финансии, Трајко Славески ја оспори синдикалната месечна потрошувачка кошничка. Преку објава на социјалната мрежа „Х“, тој постави прашање зошто вредноста на кошничката ја пресметуваме за четиричлено, а не за тричлено семејство. Славески се повика на последниот попис во 2021 година, според кој, најголемиот дел од граѓаните живеат во семејство составено од три членови.
Какви би биле импликациите и дали ќе дојде до промена?
Според дел од експертите, нема да има драстична разлика меѓу тричлено и четиричлено семејство ако зборуваме за производите од потрошувачката кошничка. Како што вели, универзитетскиот професор Ванчо Узунов, кога зборуваме за семејство, во економска смисла мислиме на домаќинство.
-Во економијата тоа се вика економија на обем. Голема разлика е дали е самечко домаќинство со двајца или има и други. Дали се тројца или четворица, тоа не прави голема разлика. Не значи дека многу ќе се намалат трошоците ако се тројца наместо четворица. Таа е статистичка квалификација на Славески. За ова прашање и трошоците на кошничката, тоа нема големо влијание, посочува Узунов во разговор за „Локално“.
![](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2023/06/uzunov-640x385.jpg)
Ванчо Узунов
Објаснува дека работата не е во тоа да бидеме ние до крај прецизни, туку проблемот е парите што ги има тоа тричлено семејство.
-И за нив не е колку висок стандардот. Ако сега кажуваме „види не биле четирчлено туку тричлено семејство и сега парите ни се доволно, да не плачеме дека цените се високи“. Не е така, цените се високи. Ако сите бевме самечки домаќинства и секој сам живееше, тогаш драстично ќе се сменеше ситуацијата. Нема голема разлика вака, додава професорот.
Сепак, тврди дека не знае колку е професорот Славески дел од владината политика за кошничката и дали ова се само негови лични ставови и прашања.
-Дека Владата не успеа во тоа што зборува, не успева. Дека сака проблемот сака да го замагли, тоа е повеќе од јасно. Наместо да го реши проблемот со високите цени во маркетите, поддржува бојкот од страна на граѓаните, а самата треба да ја реши причината за тој бојкот. Чисто статистички и педантно, Славески ги изнесува информациите и можеме да дискутираме за кошничката, но, во суштина немаме голема промена. Пак останува фактот дека тоа што го покажува синдикалната минимална кошничка е валидно – на граѓаните не им стигаа парите за нормален живот. Тоа е нормален живот, не зборуваме за преживување. Не дај боже да зборуваме за тоа. Има нешто што се вика нормално достоинствен живот. Нели, сакаме да бидеме држава членка на ЕУ во 21 век? Тоа не е прашање дали има за цигари или друго. Никој не вели за луксуз да имаме, но, еден достоинствен живот во 21 век во една европска држава, парите се малку…, анализира Узунов.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека месечната синдикална кошничка за првпат е воведена во 2010 година кога на власт беше тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За новата методологија при пресметката од декември 2023 година, Мицкоски вели дека тогашната опозиција ја немала на увид.
-Откако ја добивме на увид, прво разговаравме со синдикатите и не излеговме во јавноста да правиме естрада од тоа. Кога ќе видите кои производи се внатре, збунувачки делува. Дел од производите, граѓаните не ги користат или не ги користат во тој обем. Не знам колкава ќе биде реалната кошничка, можеби цените ќе бидат поголеми. Да создаваме таква потрошувачка кошничка која навистина граѓаните ја користат. За оваа не мислам дека е минимална потрошувачка кошница, рече премиерот на прес-конференција по потпишувањето на сепаратните договори меѓу АД ЕСМ и Банкарска група KfW (германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија) во Владата.
Помеѓу 63 производи кои влегуваат во кошничката има и цреши за кои реагираше Мицкоски има и Нескафе, но синдикалецот Слободан Трендафилов вели пресметката е за цела година односно во просек се купуваат околу три килограми цреши, кои според пресметката доаѓа по 10 грама дневно или две цреши. За Нескафето, за кое исто така реагира премиерот, пресметката вели дека со една лименка од 250 грама месечно доаѓа по едно кафе во денот.
Последните податоци покажуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари и во однос на јануари е зголемена за 313 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари.
Најмногу пари, односно 21.219 денари се потребни за храна, потоа за образование и режиските трошоци. За транспорт месечно четиричлено семејство треба да издвои 4.956 денари, додека за рекреација и култура 4.245 денари, а за личната хигиена – 2.912 денари.
Статистиката на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) покажува дека во октомври 2020 година, синдикалната кошница била 31.989 денари, во услови кога просечната нето-плата била 21.031 денари. Од 2012 година до 2020 година, потрошувачката кошница се зголемила за 1.715 денари.
Н.П.