Според сегашната манипулативна методологија, за секои извозени 100 километри, пратениците наплаќаат по околу 1.700 денари на име „патни трошоци“ + патарини, објави утрово лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев. Како што вели тој, неговата партија предлага овој трошок да се намали на 6,5 литри гориво на поминати 100 километри, што би било околу 500 денари.
За денеска во 11 часот е закажана собраниската седница на која на дневен ред ќе се најде предлог-законот за ограничување на патните трошоци што го поднесе Левица. Опозициската партија бара кратење на овие функционерски привилегии, почнувајќи со ограничување на сумите за патни трошоци на пратениците.
-Реалноста е дека во изминатите четиринаесет години со тие ШЕСТ И ПОЛ милиони евра народни пари, можеше да се изгради целосно нова болница, да се обноват сите студентски домови во земјава или да се изградат 10 нови градинки, наведуваат од партијата на Апасиев.
Левица нагласува дека е единствената партија која нема земено ниту денар по овој основ и веќе два мандати се бори да ја запре оваа пракса. Предлогот на Левица пресметан во пари би значел дека ако некој пратеник патува дневно 200 километри во два правци ќе земе околу 1040 денари, наместо 3200 кои ги зема сега за истите 200 километри.
Претходно од партијата информираа дека за удобното патување на претставниците во Законодавниот дом, во изминатата 2024 година се поторшени 300 илјади евра, што е за 20 илјади евра повеќе во споредба со 2023 година.