Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит во средата изјави дека раселувањето на Палестинците од нивната територија е „неприфатливо за арапскиот свет“.
„Ние Арапите се боревме со оваа идеја 100 години и сега не сме подготвени да капитулираме“, рече Абул Геит на самитот на светските влади во Дубаи, одговарајќи на прашање за инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп Палестинците да го напуштат Појасот Газа.
„Денес фокусот е на Појасот Газа, а утре ќе биде на Западниот Брег со цел да се испразни историската Палестина од нејзините оригинални жители“, рече Абул Геит.
„Ова е неприфатливо за арапскиот свет“, додаде тој.
Тој потврди дека на 27 февруари во Египет ќе се одржи самит за палестинското прашање, додавајќи дека арапските земји имаат рок од две недели да постигнат заеднички став за оваа тема.
Минатата недела, кога го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, Трамп рече дека САД ќе ја преземат контролата над Појасот Газа и ќе се ослободат од уништените згради со цел економски да ја развијат територијата и дека палестинското население треба да биде раселено.
Неговите зборови беа осудени од многу земји во светот.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп изјави дека Палестинците нема да имаат право на враќање според неговиот план за раселување во Газа.
На прашањето на новинарите дали Палестинците имаат право да се вратат на териториите зафатени од војна, Трамп одговори: „Не, не би, бидејќи би имале многу подобро место за живеење“.
Тој повтори дека Палестинците од Газа можат да одат да живеат во Јордан или Египет и покрај противењето на тие земји и многу други, како и на самите Палестинци.
Американскиот претседател рече дека САД ќе изградат „прекрасни заедници“ за околу два милиони жители на Газа.
„Тие ќе можат да имаат пет, шест или две. Но, ние ќе изградиме безбедни заедници, малку подалеку од местото каде што се наоѓаат, каде што е целата таа опасност“, додаде Трамп.