Основниот суд во Тетово донел одлука претседател на Алијансата за Албанците да биде Зијадин Села. Според судската пресуда, печатите на партијата ги добива актуелниот пратеник во Собранието кој моментално е дел од коалицијата „Европски фронт“.
Во одлуката на судот се наведува дека се прифаќа барањето за промена на претседателот на партијата, поточно се пренесуваат ингеренциите од Арбен Таравари на Села. Поранешниот лидер на партијата и актуелен министер за здравство има право на жалба на одлуката до Апелацискиот суд во рок од 15 дена.
-Алијансата за Албанците се враќа во рацете на Албанците. Зијадин Села, легален и легитимен претседател. Честитки до секој член на нашето големо семејство, објави пратеникот Елми Азири на социјалните мрежи.
Расколот во АА настана на почетокот на 2024 откако Таравари, како претседател, преку Фејсбук испрати порака дека партијата на изборите ќе настапи со опозицискиот „Европски сојуз за промени“. кој тогаш го сочинуваа Движењето Беса, Алтернатива и Демократско движење. Реагираше тогаш Села, претстедател на Централното собрание на АА, потсетувајќи дека постои одлука на тоа собрание за самостоен настап на изборите и порачувајќи дека одлуките не се менуваат преку Фејсбук туку евентуално со нова одлука на партијата.
Во септември, од тимот на Таравари од АА информираа дека Апелациониот суд во Гостивар го вратил на повторно судење предметот за печатите на партијата.
Села ја предводеше партијата се до вонредните избори за Советот во Општина Тетово во август 2022 година кога поради лошите резултати си поднесе оставка. За нов лидер беше избран Таравари. Партијата се подели на две крила – едното на Таравари и другото на Села.
Алијанса за Албанците како партија беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи. Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на АА на чие чело застана тој.