Сигурно дека ваков тип на политика нема со транспаренти и тапани да ги водиме. Секако дека ние се грижиме за македонското малцинсто насекаде. Македонците наоколу се жртви на асимилација. Затоа нашата стратегија е првин економски да ја зајакнеме Македонија. Резултат на таа економска бездна во која што ние се наоѓаме се токму оние 180 евра буџет што ги добива македонскиот амбасадор во Тирана. И не само во Тирана, туку и 300 евра добива месечен буџет македонскиот амбасадор во Брисел, 300 долари добива македонскиот амбасадор во САД, бидејќи толку има ова покрадена, опљачкана Македонија која ние се обидуваме некако да ја консолидираме за да можеме со тие пари кои ќе ги консолидираме да отвориме не само конзулат во Корча. Во моментов немаме капитал за отворање на конзулат во Корча. Се надеваме дека наскоро ќе можеме. Подготвен сум да разговарам за секој конструктивен предлог, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Премиерот беше запрашан од лидерот на Левица, Димитар Апасиев дали Владата ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча, со цел Македонците да не мора да патуваат четири часа до амбасадата во Тирана за да завршат конзуларни работи.
-Македонците во Србија, Косово, Бугарија и насекаде треба да знаат дека еден од главните приоритети на Владата се токму тие. Ако продолжиме да тонеме економски, овие 2300 нема ниту 300 да бидат. Не бевте осамен како член на македонското Собрание таму (во Корча). За да бидеме чесни до крај и да бидеме точни и прецизни, мора да признаете дека вашата колешка Лидија Петковска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ исто така беше на тој настан во Корча, исто како што беше и националнуиот координатор Затуровска и заменик-министерот на надворешни работи Зоран Димитровски, кажа Мицкоски од собраниската говорница.
Премиерот нагласи дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.
Изминатиот викенд, политичките претставници на Македонците во Албанија ги седнаа на заедничка маса македонската позиција и опозиција. Во Корча на средбата им порачаа дека агресивната бугарска асимилација во Албанија е директно поддржана од албанските власти, а положбата на Македонците е крајно незавидна.
-Грижата за Македонците во Албанија е национален интерес, а тоа го потврдува присуството на власта и опозијата, рече Васил Стејровски претседателот Македонската алијанса за европска интеграција. Мораме да се одбраниме од насилната агресивна бугарска политика и ова не е само политичка туку борба за опстанок, додаде тој.
На средбата беше претставена и Националната стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија. Преку неа меѓу другото се бара признавање на правата на Македонците во сите региони каде што живеат, како и отворање на училишта на македонски јазик.