Членките на Судскиот совет, Весна Дамева и Тања Чачарова-Илиевска, за кои владејачкото мнозинство поднесе интерпелации во Собранието изјавија дека ги анализираат документите и во рок од 10 дена ќе се произнесат. Дамева вели, кога ќе го изгради својот став јавноста ќе го знае одговорот. Илиевска, посочи дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Советот е колективно тело кое носи одлуки со мнозинство гласови.
Владата поднесувајќи ја иницијативата за интерпелација на членовите на Судскиот совет, призна дека таа не значи по автоматизам и разрешување. Во услови кога власта се обиде, но не успеа, од Брисел да добие одобрување за предизборното ветување за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, а потоа во т.н. реформска агенда од Планот за раст, се обврза смените да се случуваат дури откако ќе се донесе нов закон според Оценската мисија на ЕУ и само за оние членови на кои им истекува мандатот. Сепак, премиерот Христијан Мицкоски најави дека тргнуваат со акција „удар во чело“.
Дојде ли денот Д за конечна борба против корумпираните судии и обвинители?
Довербата во правосудството е на историски најниско ниво, што, за жал, не е новост – е ставот на најголем дел од јавноста и експертите. Многу години наназад сме сведоци на неефикасноста на судскиот систем, што доведе до корупција и непотизам. Бројни случаи на непочитување на законите, недостаток на дисциплински постапки и недостаток на транспарентност ја доведоа целокупната јавност во сомнеж за праведноста на судството.
Според адвокатот, Јасмин Калач, денот Д за борба против корупцијата во правосудниот систем не е нешто што ќе се случи преку ноќ, иако се прават напори за реформи. Како што вели во разговор за „Локално“, неопходно е јасно да се утврдат одговорностите, да се изврши ефикасна контрола на судиите и обвинителите, а процесите да бидат транспарентни и да се осигурa дека правдата се администрира без политички или лични влијанија.
-За жал, одговорноста на институциите често се одложува, а одложувањето на решавањето на проблемите само ја влошува ситуацијата. Причината зошто чекаме толку долго е, меѓу другото, во сложеноста на реформите и политичките притисоци. Судството е власт што мора да биде независна, но истовремено политичките влијанија ја прават подложна на компромиси. За да се постигне вистинска реформа, потребно е сериозно решение, кое ќе вклучува одвојување на правосудството од политиката и изнаоѓање на начини како да се рестартира довербата во судскиот систем, истакна Калач.
![](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2025/02/jasmin-kalac-640x399.jpg)
Јасмин Калач
Интерпелациите на членовите на Судскиот совет се само еден од можните чекори во процесот на реформирање. Соговорникот се согласува дека целокупната доверба во судството е на ниво што е блиску до статистичка грешка и дека треба да се преземат конкретни мерки. Меѓутоа, додава тој, интерпелациите не се доволни сами по себе за да се постигне суштинска промена. Потребна е и лична самосвест.
-Тоа може да биде дел од процесот на донесување одлуки за подобрување на функционирањето на Судскиот совет и осигурување дека членовите на овој совет се професионални и независни. Но, вистинските решенија лежат во поголемата транспарентност на судските постапки, намалување на политичкиот притисок врз судиите и обвинителите, како и поврзување на судскиот систем со граѓанското општество, што ќе помогне во елиминирање на корупцијата. Покрај тоа, потребна е и реформа во изборот на судиите и обвинителите, како и посилни механизми за проверка на нивната етика и професионализам, анализира Калач.
На прашањето дали по најавената интерпелација на петмината од Судскиот совет се отвора пат за „проветрување“ и во Обвинителството, адвокатот смета тоа може да биде добар сигнал за започнување на процесот на одговорност и поправка во правосудниот систем, но не смее да се гледаат како конечен чекор во решавањето на проблемите.
Судскиот совет и обвинителството се две клучни институции во правосудниот систем, и ако еден дел од системот не функционира правилно, тоа ќе влијае и на другите.
-Реформата на правосудството треба да се одвива паралелно во сите сегменти – од Судскиот совет до обвинителството, како и до судовите. Промените не треба да бидат ограничени само на структурата на Судскиот совет, туку треба да опфатат и методологијата на работа во Обвинителството, каде што постојат случаи на спорна независност и непотизам. Ако не се преземат чекори за реформирање и ослободување на обвинителството од политички влијанија, нема да има значајни резултати во обновувањето на довербата. Практично, ако се осигура дека и Судскиот совет и обвинителството ќе имаат независни механизми за контрола и ќе работат под транспарентни услови, тоа би било добар начин за целосно „проветрување“ на правосудниот систем, заклучува Калач.
Судскиот совет, според Уставот, има 15 членови, од кои осуммина ги гласа судството на непосредни избори, петмина ги избира законодавниот дом, а двајцата членови по службена должност се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.
Покрај ваквата ситуација, Министерството за правда, по налог на Владата ја почна постапката за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Се изработува документот којшто ќе ги содржи аргументите зошто се бара негова смена. Потоа, Советот на јавните обвинители ќе треба да даде позитивно или негативно мислење.
Премиерот повтори дека Владата опстојува на ставот за разрешување на Коцевски. Вели тој имал доволно време за да се покаже како борец за правда, но не ја оправдал довербата која му е дадена. Одлуката за смена на Коцевски дојде по извештајот на Транспаренси Интернешанал кој нотираше назадување на земјава во борбата против корупцијата. Владата оцени и дека Советот, незаконски назначил ВД шеф на скопското Вишо обвинителство.
Н.П.