СДСМ денеска излезе со политички памфлет без никакви аргументи и само со конфузни прашања, во кој го споменува нашиот клуб, нешто што веруваме дека е со цел да внесе немир во нашите редови пред вечерашната четвртфинална пресметка со Работнички. Тоа не само што нема да се случи, туку нивните ниски удари ќе ни дадат дополнителен мотив да одиграме најдобро што знаеме за да победиме на спортското поле, кое е единствено на кои ние како клуб се натпреваруваме, велат од ВМРО-ДПМНЕ по денешните обвинувања од СДСМ дека општина Аеродром ги преполовила финансиските средства за МЗТ Скопје.
Од партијата велат дека намалувањето на средствата е поради фактот што сегашното раководство на клубот работи многу подобро на терен и обезбедува многу повеќе спонзорски договори од приватни компании.
-Ваквата работа треба да биде пофалена, а не нападната, секако ако тоа се прави со чесни намери, а не од ситни политички побуди. СДС мора да знае дека вкупниот буџет на МЗТ е ист како и во годините претходно, дури и поголем од нивно време, но наша интенција е да бидеме што повеќе самоодржливи и да функционираме со средства кои самите ќе ги обезбедиме со макотрпна работа на терен, а не само да се чекаат парите од граѓаните, нешто што тие го правеа додека беа на власт во општината, а со тоа и во МЗТ. Заврши времето кога општина Аеродром трошеше ијладници евра народни пари на ветар и магла. За потсетување, еден кубик даски во нивно време чинеше повеќе од 10.000 евра. Таквото расипништво ги однесе во опозиција, а судејќи по изјавите, сеуште не ги научиле грешките, стои во ставот на партијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека МЗТ Скопје ниту е понижен, ниту неговите навивачи се прелажани.
СДСМ Аеродром денеска обвини дека само 12 милиони денари Општина Аеродром одвоила за спонзорство на МЗТ за 2025 година.
-Јавно го прашуваме градоначалникот Дејан Митески, дали е точно дека МЗТ должи на играчите? Дали и колку должи по основ тужби заради неисплатени плаќања кон играчи? Дали е точно дека тоа е една од причините за блокадата на сметката на клубот во текот на минатата година? Прашуваме зошто не се објавени јавно финансиските извештаи за работењето на МЗТ? Зошто истите не се разгледуваат на седниците на Советот на Општина Аеродром, рекоа меѓу другото од огранокот на најголемата опозициска партија.