Обвинителството бара притвор за лицата кои пренесуваа 189 килограми марихуана на „Богородица“

од Nikola Popovski
20 прегледи

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Тие, по претходен договор и заедно со учество во дејствието на извршување, неовластено заради продажба во Република Турција, пренесувале наркотична дрога – марихуана од Куманово до граничниот премин „Богородица“.

Дрогата, во вкупна количина од 188.363 грама, спакувана во 165 пакувања армирани полиетиленски кеси, ја превезувале во камион во сопственост на скопска фирма која пренесувала отпадна пресувана хартија. Дрогата била скриена меѓу балите отпадна хартија. Камионот бил натоварен во Приштина и второосомничениот со легален утовар на 8 февруари влегол во државава на граничниот премин „Блаце“. Таму го пречекал второосомничениот и на паркинг плац на патот Куманово-Свети Николе била извршена замена на дел од натоварената стока со други бали во кои во внатрешноста била скриена марихуаната. На 10 февруари, првоосомничениот се јавил на „Богородица“ на излез од државава, каде овластени службени лица го запреле, детално ја прегледале целата стока и ја пронашле дрогата.

Јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ги уништат трагите од кривичното дело, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците или соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело.

Слични содржини